Оваа нацрт-верзија се очекува денеска да се постави и на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со цел пошироката јавност да може да учествува во креирањето и усвојувањето на финалниот стратешки документ со кој ќе продолжи развојот на националниот образовен систем
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Владата го претстави нацрт-текстот од новата Стратегија за образование со рок за имплементација од 2026 до 2032 година. По шест месеци интензивна работа, како што рече, документот е финализиран, а во креирањето учествуваа претставници од Светска банка, УНИЦЕФ, УНДП, ГИЗ, Амбасадата на Швајцарија во земјава, голем број невладини организации, претставници од ресорното министерство, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, Центарот за средно стручно образование и Бирото за развој на образованието.

Оваа нацрт-верзија се очекува денеска да се постави и на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со цел пошироката јавност да може да учествува во креирањето и усвојувањето на финалниот стратешки документ со кој ќе продолжи развојот на националниот образовен систем.
Пред почетокот на валидациска работилница во Владата, на која присуствуваат и претставници на институции, домашни и меѓународни партнерски организации, Јаневска рече дека претставувањето на нацрт-текстот од Стратегијата, не е радикален пресврт, туку надополнување на досегашните политики, со насоченост кон решавање на клучните предизвици и усогласување со глобалните образовни трендови.
„Почнувајќи од промена на програмите во предучилишна возраст, потоа во инклузијата во основно и средно образование, оптимизација на училишната мрежа, целодневна настава, нови модели за гимназиско и стручно образование и реформиран концепт на државна матура, воведување формули за финансирање во локалните самоуправи во однос на образованието, нова легислатива во високото образование. Значи, сè она што веќе сме го зборувале и треба да биде опфатено, со цел да се подобри квалитетот на образованието“,
рече Јаневска.
Според неа, покрај неопходната модернизација на наставните програми, воведувањето технологија во образовниот систем, вклучително и вештачката интелигенција, посветено е и внимание на квалитетот на образованието, процесот на поучување и на наставниците како чинители во процесот.
„Во пониските нивоа важна е оптимизацијата, финансирањето и едносменската настава, а во високото образование – конечно солидна регулатива што ќе овозможи подобрување на квалитетот и покачување на неколку места нагоре на нашите универзитети на Шангајската листа“,
кажа таа.
Министерката ја повика целата јавност што е заинтересирана да се вклучи во јавната расправа, со цел стратегијата да биде поквалитетна и со тоа да имаме поквалитетно образование.
