Во владина процедура се дел од сетот законски измени што треба да се направат за функцоналост на системот, а од технички аспект за дел се прават проверки за функционалноста
Директорот на Бирото за јавна бебзедност (БЈБ) Александар Јанев вели дека се размислува за комбинација на повеќе мерки за подигнување на безбедноста во сообраќајот и оти се преземаат активности за да може да се пушти во функција системот „Безбеден град“. Во владина процедура се дел од сетот законски измени што треба да се направат за функцоналост на системот, а од технички аспект за дел се прават проверки за функционалноста.
„За жал, морам да констатирам особено неделата што измина, имаме сообраќајни несреќи со жртви. Од друга страна, добро е што во урбаните средини каде се зајаканати контролите е намален бројот на сообраќајни незгоди и на прекршоци, а е зголемен бројот на детектирани и потенцијални прекршители, што значи дека мерките што ги применуваме даваат соодвети ефекти. Секако дека размислуваме за микс на мерки кои во иднина ќе ги применуваме“,
изјави Јанев.
Прашан кога ќе профункционира системот „Безбеден град“ и дали за тоа се чекаат локалните избори, Јанев рече дека не сака да се впушта во политичка конотација и оти станува збор за поголем проект за кој досега имало само шминка, а сега вистински се постапува, но за примената на потребната технологија во пракса треба да бидат променети најмалку пет закони.
„На трибините што беа организирани во изминатиот период имаше учество од сите чинители и покажуваме дека проблемот е системски и национален, не е веќе проблем само на полицијата или на државата. Потребно е да се создадат сите предуслови за да профункционира системот, не би сакале да ставиме нешто во функциија, па макар како што спомнавте во политички контекст некои работи. Поентата е дека се треба да биде сетирано за да може да функционира правилно и индивидуално, за да не се доведеме во ситуација дека можеби не функционира како што треба од кој било аспект. Има акциски план, сетот законски измени веќе се пуштени во владина процедура, дел се уште се размислуваат и се проверува дали може да бидат од функционален аспект, а од техички аспект најголемиот дел е завршен“,
информира директорот на БЈБ.
Како што најави претходно министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, до крајот на месецов ќе биде подготвена првата верзија на сите закони кои треба да влезат во владина процедура, а до крајот на следниот месец во собраниска процедура.
Првите казни од „Безбеден град“ ќе почнат од 1 јануари 2026 година, иако, како што најави, функционирањето на системот ќе се случи порано.
„Неколку месеци граѓаните прво ќе добиваат пораки со предупредување, а од 1 јануари 2026 година ќе ги овозможиме законските услови тоа да биде онака како што треба“,
најави Тошковски.
Преку „Безбеден град“, покрај возилата во движење, ќе се казнуваат и непрописно паркираните.