„До Јавното обвинителство доставивме докази поврзани со случајот ’27 април’, кои сериозно го доведуваат под прашање начинот на кој била водена истрагата, како и текот на судскиот процес. Овие докази укажуваат на комуникации меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во постапката, како и комуникација меѓу брат на висок функционер и сведок, поврзана со можни договори со обвинителот и со содржината на сведочењето што било дадено во таа постапка“, изјави денеска тој пред Јавното обвинителство на РС Македонија
Јане Ченто, еден од обвинетите за случајот „27 април“ кои беа и осудени за упадот во Собранието на денешен ден пред девет години, денеска информира дека е поднесена кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В. Р. поради сомнежи за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Иако јавниот обвинител против кого е поднесена кривичната пријава, тој го наведе само со инцијали, извесно е дека станува збор за поранешната јавна обвинителка Вилма Рускоска.
Ченто, во изјава за медиумите пред Јавното обвинителство на РС Македонија, информира дека до Обвинителството се доставени документи, заверени изјави и вештачења, кои, според него, отвораат сериозни сомнежи за попречување на правдата, притисоци врз сведоци и злоупотреба на службената положба во текот на судската постапка.
Според Ченто, пријавата е поткрепена со обемна документација и докази, кои, како што рече, сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој биле водени истрагата и судскиот процес за случајот „27 април“.
„Денес стоиме пред вас како луѓе што повеќе од осум години се соочуваат со системска неправда. Денес официјално поднесовме кривична пријава против поранешен јавен обвинител поради основани сомнежи за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба“,
изјави Ченто пред Јавното обвинителство во Скопје.
Тој посочи дека до Јавното обвинителство се доставени докази за комуникации меѓу висок функционер и клучен сведок во постапката, како и меѓу блиски лица на функционери и сведоци, поврзани со начинот на давање на исказите.
„До Јавното обвинителство доставивме докази поврзани со случајот ’27 април’, кои сериозно го доведуваат под прашање начинот на кој била водена истрагата, како и текот на судскиот процес. Овие докази укажуваат на комуникации меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во постапката, како и комуникација меѓу брат на висок функционер и сведок, поврзана со можни договори со обвинителот и со содржината на сведочењето што било дадено во таа постапка“,
рече тој.
Сведокот, како што изјави Ченто, со изјава заверена на нотар, наведува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ.
„Дополнително, постои и вештачење од овластен судски вештак на мобилни телефони, кое ја поткрепува изјавата на сведокот заверена кај нотар“,
додаде тој и го повика Јавното обвинителство темелно да ги разгледа кривичната пријава и доставените докази.
Според Јане Ченто, ова не е обичен случај, туку, како што вели, станува збор за основано сомневање дека биле користени незаконити докази, дека се вршел притисок врз сведоци и оти е донесена пресуда врз основа на монтирана постапка.
„Ова денес не е политичка изјава, туку чекор заснован на документи и сериозни сомнежи за сторени кривични дела. Сите докази со кои располагаме се доставени до Јавното обвинителство и очекуваме тие да постапат професионално и без одлагање“,
рече тој.

Од Јавното обвинителство велат дека пријавата ќе биде примена и ќе се проверат наводите во неа.
„Како и секоја пријава, таа ќе биде примена и ќе се проверат наводите“,
велат од Обвинителството, без да коментираат повеќе.
Јане Ченто заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13-годишна затворска казна под обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок, а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието.
Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието кон крајот на 2018.
