Според Јанчева, со спречување на нови вработувања, се загрозува и безбедноста на градот
Обвинувања кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, дека спречила вработување на 20 пожарникари, денеска упати координаторката на советничката група на СДСМ во градското собрание, Љубица Јанчева.
Таа вели дека е очигледна потребата од нови вработувања во противпожарната служба на Скопје, но поради лични каприци огласот бил поништен.
„Данела Арсовска го поништи огласот со кој требаше да се вработат нови 20 пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Овој однос на деструктивната Арсовска е против интересите на граѓаните на Град Скопје и на штета на Бригадата за противпожарна заштита. Очигледен е недостигот од пожарникари во Град Скопје, дополнително, работните позиции се празнат и со редовното пензионирање, со што се зголемува потребата од нов млад кадар во Бригадата за противпожарна заштита. Но очигледно тоа не ѝ е важно на Арсовска, која заради лични каприци поништува јавен оглас кој беше на крајот од процедурите и со кој требаше да се вработат 20 нови пожарникари“,
изјави Јанчева.
Според Јанчева, со спречување нови вработувања, се загрозува и безбедноста на градот.
Од друга страна, пак, координаторката на СДСМ вели дека во мандатот на претходниот градоначалник Петре Шилегов сериозно се инвестирало во условите за работа на пожарникарите односно платите биле покачени за 20 отсто и имало нова опрема за поголема заштита и поефикасна работа.