Според него, очигледно е дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да поддржуваат современи проекти, каде што, како што вели, во Карпош ќе се обезбеди паркинг-простор за 2 500 граѓани и каде што ќе има дополнителни 1 000 паркинг-места за сите граѓани на Карпош
Новите згради кај „Алумина“ предвидени во Деталниот урбанистички план се современи објекти како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија и во Белград, рече денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на денешната прес-конференција зборувајќи за најавата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесат 4 000 амандмани.

Рече дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за проектот.
„Не сум ни очекувал дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа деталните урбанистички планови затоа што тие се нови објекти современи како што има Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија, Белград, тие се за згради за барок, со лажен барок, исто како што е лажна нивната политика, како што се лажни нивните патриотизми како што се лажни и нивните заложби за зеленило во објект во кој што изградиле, а нема ниту еден квадратен метар за зеленило, туку има пет-шест саксии напред од кои три им се веќе овенати. Зборуваат за бетонски чудовишта, а што е ова зад нас ако не е бетонско чудовиште и кое претставува најголема бетонизација на квадратен метар во Република Македонија. Сите ние овде се сеќаваме на една мала зградичка на два ката, една жолта зградичка со мало дворче, гледате ли сега во какво бетонско чудовиште ова се изроди, каде што речиси целата парцела е искористена да се изгради ова седмокатно чудовиште во кое мало им беше чудовиштето што го направија, па изградија и кула, што би рекол великиот Кочо Рацин „За себе банки ѕидаат, банки палат и кули тенки високи“,
истакна Јакимовски.
Според него, очигледно е дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да поддржуваат современи проекти, каде што, како што вели, во Карпош ќе се обезбеди паркинг-простор за 2 500 граѓани и каде што ќе има дополнителни 1 000 паркинг-места за сите граѓани на Карпош.
„На пример, лага е дека нема да има две висококатници, туку дека ќе има многу повеќе, односно дека ќе има 35-катници. Лага е дека ќе има сенка врз бараките, затоа што овие објекти од девет до 11 ката се повлечени 35 метри од улицата Прашка. Направени се симулации дека воопшто не ги загрозува ни кога е најниско сонцето. Понатаму, лага е дека се земени висини од другите бараки за да се додаде овде висина, кога еве тоа е сосема посебен блок и воопшто не пречат во блокот каде што се бараките. Значи дека и со Генералниот урбанистички план е водено сметка и за инфраструктура и за водоснабдување и за канализации, за училишта и градинки. Еден проект кој е современ очигледно настојуваат да го искористат како еден маркетинг, неуспешен маркетинг. Зошто? Зошто тој исти проект два пати беше презентиран пред советниците и никој од советничките групи не дадоа некаква сугестија иако беа прашани, туку напротив советничката Невена Георгиевска стана и кажа ’Јас искрена да бидам, мене овој проект многу ми се допаѓа, ама нека се прави на некое друго место’. Е сега, дали ви е јасно дека тие се целосно разрушени и буквално се запрепастени од квалитетот на проектот од онаа убавина која многу граѓани ја поддржуваат да се изгради и практично Карпош повторно ќе биде водечка општина во државата каде што ќе има бизнис-кули, каде што луѓето ќе работат и ќе живеат, да има градинка која ќе ѝ биде подарена на Општината, да има пензионерски клуб, детски игралишта итн.“,
рече градоначалникот на Карпош.
Вчера советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош кажа дека ќе поднесат 4.000 амандмани за буџетот за наредната година, со цел тој да се блокира и да не може Општината да финансира изработка на детални планови за бетонизација на Карпош.
Со Деталниот урбанистички план за „Алумина“ се дозволува изградба на згради со 35 ката. Планот во моментов е на јавна анкета, а анкетни листови можат да поднесат само сопствениците на земјиштето.