Градоначалникот на Карпош додаде дека бил разочаран кога во април годинава му била пресудата, но дека по денешниот настан, со кој, како што рече, се докажува оти таа е политичка, му дава мотивација да ги бодри карпошани за на претстојните избори Карпош да не западне под, како што рече, канџите на Христијан Мицкоски
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, оцени дека една од причините за унапредувањето на судијката Даниела Димовска во в.д. претседателка на Кривичниот суд Скопје е награда за пресудата со која таа го осуди на три и пол години затворска казна во врска со градењето на административната зграда на Општината.

Јакимовски ѝ честита на Димовска за изборот на позицијата, но оцени дека напредување во кариерата преку, како што рече, газење по лежеви, е нечовечки. Вели дека фактот што нејзиниот избор за в.д. претседател на Кривичен предизвика лавина реакции, особено од нејзини колеги, му дава за право да се сомнева дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата која таа ја донесе против него за нешто што, како што рече, не го сторил.
„Ова е само уште една потврда дека судството е партизирано. Можете да ја видите паралелата. Судијката напредува по заслуги, ама партиски. Јас сум бил четири пати градоначалник на Карпош исто така по заслуги, ама тоа е поради доброто служење на граѓаните. Нормално е да размислувам дека нејзиното унапредување е награда за пресудата што беше изречена од страна на она арамиско гнездо сместено во Белата палата, а дека таа само беше поштарот што ми ја соопшти пресудата на 23 април и која што впрочем сè уште ја немам добиено“,
рече Јакимовски во реакцијата на изброот на Даниела Димовска за в.д. претседателка на Кривичниот суд Скопје.
Градоначалникот на Карпош додаде дека бил разочаран кога во април годинава му била пресудата, но дека по денешниот настан, со кој, како што рече, се докажува оти таа е политичка, му дава мотивација да ги бодри карпошани за на претстојните избори Карпош да не западне под, како што рече, канџите на Христијан Мицкоски.
„Ова е само мотив повеќе да ги бодрам карпошани на идните локални избори да се борат и да не дозволат канџите на Христијан Мицкоски и неговата ДПМНЕ заедно со неговата клика да ги вгнезди, да ги зарие во карпошевото месо и Карпош го претвори во партиска испостава. Јас сум настапувал со политички партии но никогаш не сум дозволил Карпош да биде партиски штаб со една политичка партија. Напротив, ова било место каде што се решавале проблемите на граѓаните и подеднакво право имал секој граѓанин на Карпош без разлика на политичката, верската, националната, религиозната припадност. За жал денеска сме сведоци во највиталниот дел од општеството, а тоа е судството дека и оваа власт се потруди максимално да го испартизира“,
додаде Јакимовски.
На денешната седница на Судскиот совет судијката Даниела Димовска со 10 гласа „за“ и два „против“ беше избрана за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје.
Нејзиниот избор предизвика лавина реакции бидејќи членовите на Судскиот совет отстапија од членот 89 од Законот за судии, кој вели дека: „Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува в.д. претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.
И реакцијата на Коалицијата „Сите за правично судење“, исто така, се однесуваше на тоа дека наместо најдобро оценетиот судија, на позицијата е назначен единаесетторангираниот, во случајов судијката Даниела Димовска.