Јакимовски вели дека на сите изборни циклуси на кои учествувал не уценил или поткупил ниеден глас, како што на овие избори, според него, направила ВМРО-ДПМНЕ
Досегашниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за кражба на локалните избори во Општина Карпош. Тоа е причината поради која, како што рече, не го признал поразот, ниту му честитал на својот противкандидат Сотир Лукровски кој ја доби изборната трка со разлика од 1 134 гласа.

Јакимовски вели дека на сите изборни циклуси на кои учествувал не уценил или поткупил ниеден глас, како што на овие избори, според него, направила ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа смисла ги споменува локалните избори во 2017 година кога, како што вели, го признал поразот и му честитал на својот противкандидат од СДСМ, Стефан Богоев, бидејќи изборната победа била чесна.
„Може ли да се збори за чиста победа ако ја искривуваш волјата на гласачите? Купивте ромски гласови, купивте албански гласови во Нерези, ама таму плативте мноогу поскапо! Оти ромските души се поевтини, за вас секако. Ги вклучивте сите дилери на дрога кои цел месец ги хранеа консументите на белиот прашак. Ги плативте долговите во кладилниците на сите оние што лебот го вадат од кладење. Само и само да гласаат за сенката на Мицкоски. За одземање на лична карта на гласачи кои би гласале за мене плаќавте педесет евра. А на оние што ќе однесат и ќе стават во кутијата гласачко ливче заокружено со број 9 и ќе вратат празно 100 евра. Крадевте ливчиња, правевте бугарски воз, вашите инсталации во избирачките одбори даваа по две ливчиња, а тоа значи да гласа за двајца. Фолираа дека наводно им се утнало под рака двојно ливче. Делевте брашно, уценувавте, се заканувавте…“,
вели Јакимовски во објава на Фејсбук.
Тој додава дека во вториот изборен круг добил блокада од националните телевизии освен што се појавил на две соочувања и на интервју кое требало да биде дебата со противкандидатот Лукровски.
„Имаше 2 900 неважечки ливчиња! Ги прогласивте за неважечки сите ливчиња каде што јасно гласачот ја изразил својата волја дека гласа за мене! На една страна јас, мојот пиар, снимателот со телефончето, шоферот и граѓаните. А на другата страна сите вие. ‘Чесните’. И што постигнавте? Илјада и стотина мизерни ливчиња повеќе. Не ме победивте мене, туку ги надитривте граѓаните на Карпош. Нечесното ќе се памети засекогаш“,
додава Јакимовски.
На вториот круг од локалните избори што се одржаа на 2 ноември кандидатот на коалицијата „Искуство за успех“, Стевчо Јакимовски, освои 12 378 гласови, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, доби 13 512 гласа.
