„Ако дојде до сериозна војна на тлото на Европа, тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници, ќе се запре извозот од секоја држава и ќе дојдеме во многу слична ситуација како онаа кога беше ковид-кризата. Одговорни субјекти, одговорен претседател на Република Македонија мора да ги има предвид сите овие аспекти и мора државата да ја подготви за евентуално најлошото сценарио“, рече Јакимовски
Претседателскиот кандидат на ГРОМ, Стевчо Јакимовски денеска од Прилеп порача дека многу е важно кој ќе победи на претседателските избори и кој ќе биде врховен командант на вооружените сили бидејќи, како што оцени, живееме во тешко време, обременето со војни кои може да се прошират на европско тло.
Според него, државата треба да се подготви со набавка на оружје, муниција, производство и складирање храна.

„На 1 200 километри јужно од нас и на 1 200 километри воздушна линија северно од нас се одвивааат страшни војни. Тоа јасно покажува дека живееме во тешко време и многу е битно кој ќе биде врховен командант на оружените сили на Република Македонија, зашто за многу кратко време може да се случи да влеземе во страшна војна, зашто во 2013 година на тлото на Европа, НАТО немаше ниту еден тенк, денеска се преку 3 000 тенкови. Тоа јасно покажува дека може Македонија, и цела Европа, да ја зафати воен вител и ние мора да бидеме максимално одговорни“,
рече Јакимовски.
Според него, потребно е итно да се набават оружје и муниција, итно да се зголемат сточниот фонд и производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината и за целата стока.
„Ако дојде до сериозна војна на тлото на Европа, тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници, ќе се запре извозот од секоја држава и ќе дојдеме во многу слична ситуација како онаа кога беше ковид-кризата. Одговорни субјекти, одговорен претседател на Република Македонија мора да ги има предвид сите овие аспекти и мора државата да ја подготви за евентуално најлошото сценарио. Ваквите стимулации за производство на храна, житарки, за подигање на сточниот фонд мора да траат сѐ додека не завршат овие опасности од воен вител“,
изјави Јакимовски.
Тој повтори дека е против влез на Бугарите во Уставот без комплетно затворање на „бугарското прашање“ и дека во државата се неопходни реформи во образованието, во здравството и во државната администрација.
Јакимовски нагласи дека не прифаќа да разговара за идентитетот и за јазикот, а за историските личности, рече, ќе си кажат историчарите.