Кога станува збор за медиумско експлоатираните случаи, Дарко Јакимовски беше обвинител во предметот за „Ласкарци“ и обидот за убиство врз Зијадин Села на 27 април 2017 година во Собранието
Владимир Милошески, како обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, постапуваше во случајот „Поткуп“ против тогашниот опозициски лидер, а потоа и премиер, Зоран Заев. Меѓу последните негови случаи кои привлекоа голем јавен интерес се пријавите во врска со ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, каде што утврди дека со документот нема ништо спорно
И двајцата обвинители работеа во тимот што го истражуваше пожарот во кочански „Пулс“
Обвинителите Дарко Јакимовски и Владимир Милошески денеска добија унапредување на своите позиции. Двајцата обвинители на Основното јавно обвинителство Скопје на денешната 27. седница на Советот на јавните обвинители едногласно беа избрани за нови членови на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Ова, меѓу другото, значи дека Јакимовски и Милошоски во иднина нема да постапуваат во водат предмети пред основен суд, туку ќе постапуваат во второстепена постапка, односно ќе застапуваат предмети пред Апелацискиот суд Скопје.
Инаку, во трката за овие две места во Вишото јавно обвинителство по огласот што Советот на јавни обвинители го распиша на 5 декември лани беа и обвинителите Александар Марковски, Марија Ѓоргева, Сања Бурјакоска-Китановска, Зоран Маркоски, Љубомир Лапе, Јасмина Костеска-Здравеска и Спасенка Андонова.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги пофали сите пријавени кандидати, посочувајќи на нивниот квалитет и посветеност.
Сепак, при изборот членовите на Советот беа едногласни дека на овие позиции треба да бидат избрани обвинителите Дарко Јакимовски и Владимир Милошевски.
„На дваесет и седмата седница одржана на ден 16.7.2025 година, со почеток во 10.30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред, под точка 1 донесе Одлука за избор на двајца јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје, така што од пријавените кандидати по огласот објавен во Службен весник на РСМ бр. 247/2024 од 05.12.2024 година, ги избра јавните обвинители Дарко Јакимовски и Владимир Милошески“,
соопштија од Советот на јавните обвинители.
Обвинителот Јакимовски во јавноста стана препознатлив по водењето на случајот „Ласкарци“, односно за автобуската несреќа во која загинаа 16 луѓе, а 37 беа повредени. Тој го водеше предметот за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, познат како „крвавиот четврток“.
Неговиот колега Владимир Милошоски, пак, беше обвинител во случајот „Поткуп“ пред нешто помалку од десет години, кој се водеше против тогашниот лидер на СДСМ, а потоа и премиер Зоран Заев.
Што се однесува до поновите случаи, Милошески беше обвинителот на ОЈО Скопје кој го постапуваше по пријавите во врска со ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски и утврди дека со документот нема ништо спорно.
„По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити“,
соопштија од Јавното обвинителство на 29 мај по неколку месечните проверки во кои беше искористена и инструментот за меѓународна правна помош.
Сепак, истражување објавено од БИРН неколку недели подоцна, односно на 18 јуни, наведува дека директорот на АНБ двапати го полагал испитот по ТОЕФЛ за англиски јазик, а кодот на центарот за тестирање каде што полагал не е во Пловдив, каде што е регистрирано јазичното студио „Јулија“.
Ова беше повод опозицискиот СДСМ да бара нова истрага за ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски бидејќи во претходната, како што рече, портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, тој бил заштитен од Обвинителството.
Инаку, на денешната седница на Советот на јавните обвинители покрај двајцата нови виши јавни обвинители, беа избрани, односно им беше продолжен мандатот за уште четири години на обвинителките Наташа Поп Трајкова и Катерина Колариќ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Колариќ и Поп Трајкова првпат беа избрани за обвинителки во ОЈО ГОКК во април 2021 година додека со ова обвинителство раководеше Вилма Рускоска.
За двете обвинителски места во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција конкуренција на Колариќ и Поп Трајкова им беа уште четворица нивни колеги и колешки – Александар Маркоски, Дејан Петрески, Зоран Маркоски и Ана Стојковиќ Димитровска.