Предлогот на урбанистичкиот план предизвика бура реакции кај дел од жителите, кои ја формираа и иницијативата „Борба за Влае“. Тие изминатиот викенд организираа и маалска дружба, со цел да се соберат и поднесат што е можно повеќе анкетни листови до Општината, со надеж дека ќе се промени планот
Новиот предлог-урбанистички план за Влае, кој месецов предизвикува реакции кај локалното население, не е многу поразличен од претходниот, смета градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој денеска на оваа тема зборуваше во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
„Кога е правен овој урбанистички план, нема никаква разлика во однос на претходниот, само има подобрување во смисла на намалување на некои маркици, на намалување на висини дури и зголемување на количеството на зеленило. Тоа е оваа маркица овде што е предвидена за катна гаража на крајот од ‘Адолф Циборовски’ кога вртите кон Порта Влае. Само во моментов да видите колку коли има таму паркирано. Во најновиот план таму има зеленило. Значи дури го зголемуваме зеленилото, но има граѓани кои велат ‘не сакаме ни црква, не сакаме ни градинки, не сакаме ни платформи за решавање на паркинзите’“,
рече градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакомовски, во интервју за емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Јавна анкета за овој урбанистички план истекува за неколку дена, на 25 март. Предлогот на урбанистичкиот план кај дел од жителите предизвика бура реакции веднаш по неговата презентација, кои ја формираа и иницијативата „Борба за Влае“.
Што е спорно според жителите кои се противат на ДУП-от
Жители на Влае кои ја формираа оваа иницијатива своите забелешки изминатиот период јавно ги изнесуваа и преку социјалните мрежи, а изминатиот викенд организираа и маалска дружба со цел да се соберат и поднесат што е можно повеќе анкетни листови до Општината во надеж дека ќе се промени предлог урбанистичкиот план. Она што преовладува во нивните забелешки е желбата за зголемување на зелените површини наместо нивна бетонизација.
Една од низата проблематични точки опфатени во новиот ДУП за Влае на кои посочуваат граѓаните, е моменталниот инклузивен парк за деца кој е лоциран веднаш до плоштадот „Делфина“, а кој, според новиот ДУП, би требало да се пренамени во верски објект.
Како што посочуваат од иницијативата „Борба за Влае“, црквата на местото на инклузивното игралиште и зеленило не е со ограничена висина, а кулите кај кафулето „Кино Влае“, предвидени во новиот ДУП, стануваат високи колку кулите во Порта Влае, иако како што велат граѓаните, немаат исти просторни услови.
„На Влае 2 не му требаат објекти на местото на парковското зеленило и детски игралишта. Ни верски објекти, ни било какви. А ако навистина има потреба од нова црква во Влае постојат други слободни простори. На пример, просторот спроти КАМ маркет е сè уште државно земјиште. На оваа локација мора да има зеленило и детско игралиште. Нема потреба од објект за кој ќе треба уште повеќе паркинг за коли и уште повеќе бетон“,
велат во фејсбук-објава од иницијативата „Борба за Влае“
На државното земјиште спроти КАМ маркет кое го посочуваат од иницијативата, пак, според новиот ДУП се предвидува изградба на неколку нивоа згради.
Она што следно им „боде очи“ на жителите на Влае е тоа што во новиот ДУП за населбата се предвидува трансформација на отворените игралишта покрај кејот на Вардар во затворен спортски центар, со што би се изгубил отворениот простор и дел од зеленилото во околината околу игралиштата.
„На местото на игралиштето се планира спортски објект висок 10 метри кој доаѓа до самата ‘Партизанска’ и со тоа веќе не постои јавното игралиште“,
реагираат од граѓанската иницијатива.
Жителите на Влае дополнително реагираат и за поставувањето на монтажен паркинг веднаш до платото на Порта Влае.
„Монтажниот паркинг на две нивоа ќе биде повисок од платото на Порта Влае. Кога ќе пиете кафе во Порта ќе гледате во автомобили наместо во зеленило“,
реагираат од иницијативата „Борба за Влае“.
Комисијата за урбанизам при Општина Карпош, пак, викендов во писмено соопштение истакнаа оти нема вистина во изнесените ставови за она што се предвидува со новиот ДУП за населбата.
Оттаму велат оти во новиот ДУП за Влае нема ниту еден објект вцртан на државно земјиште. Додаваат и оти нема зголемување туку намалување на габаритите и висините на одредени објекти и оти ниту еден објект не е вцртан во простор предвиден за зеленило ниту пак дека има предвидено намалување на зеленилото, туку напротив, зголемување на зелените површини.