По ударот во главата, оштетената почнала обилно да крвави и зашеметена успеала да повика полиција. Потоа со Брза помош е пренесена во болница каде што ѝ се констатирани тешки телесни повреди
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против маж осомничен дека сторил кривично дело – тешка телесна повреда на жена со која претходно имале лични недоразбирања, информираат денеска од Обвинителството.

Настанот се случил попладне на 23 август, кога оштетената отишла да се види со осомничениот пред угостителски објект во скопската населба Автокоманда.
Како што пишува во описот на настанот од Обвинителството, осомничениот прво почнал грубо да ја навредува жената, а потоа зел пластична гајба полна со стаклени шишиња, замавнал со неа и ја удрил по главата.
„Оштетената почнала обилно да крвави и зашеметена успеала да повика полиција. Потоа со Брза помош е пренесена во болница каде и се констатирани тешки телесни повреди“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Поради начинот на стореното кривично дело и со цел да се заштити жртвата од можноста за ново загрозување на безбедноста, јавен обвинител од судија на претходна постапка од Кривичниот суд Скопје побара на осомничениот да му бидат определени повеќе мерки на претпазливост, како забрана за приближување, односно воспоставување контакти или врски со оштетената, привремено одземање на патната исправа и обврска да се јавува повремено на определено службено лице.