„Не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови. Доколку ВМРО-ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата, а не гледам причина да немаат, тогаш сметам дека ќе најдеме решение. Сè што е направено во контекст на евроинтеграциите е направено во контекст на државните интереси“, кажа денеска од Собранието лидерот на опозицијата
До крајот на неделата Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) ќе има работна верзија на декларацијата што ќе ги содржи црвените линии за интегративниот процес на земјата, најави денеска лидерот на партијата, Венко Филипче, посочувајќи дека иако е предизборен период, сепак, политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира тоа како во иднина ќе продолжи процесот на евроинтеграциите.

„Документот се изработува. Верувам дека до крајот на неделата ќе имаме една работна верзија. Ќе го прикажеме на многу чинители, на сите политички партии, на нашите стратешки партнери, на јавноста, на експертската јавност“,
рече тој на прес-конференција во Собранието.
Предлага да се побара и поддршка од ЕУ во некои клучни делови од процесот.
„Да побараме помош, можеби во тој документ, од Европската Унија, од Европската Заедница, во делот на историската комисија, некои нивни експерти, нивно искуство. Како што реков вчера, најлошо е да не се прави ништо“,
вели лидерот на СДСМ.
Според него, националните, врвните државни интереси и стратешката цел на нашата земја кон Европската Унија не треба да е предмет на препукување во дневната политика.
„Не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови. Доколку ВМРО-ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата, а не гледам причина да немаат, тогаш сметам дека ќе најдеме решение. Се што е направено во контекст на евроинтеграциите е направено во контекст на државните интереси“,
кажа Филипче.
Сега, додаде Филипче, се оди чекор напред, со цел да се постигне национален консензус на темата.
„Тоа што од нас го бара ЕУ, не го бара само Бугарија. Тоа е документ на ЕУ, на Брисел, практично е нешто што е резултат на многубројни преговори на еден долготраен процес. Ја разбирам грижата на граѓаните, а тоа меѓу другото на некој начин тоа го изразија и за време на минатогодишните избори, кога во тој контекст така гласаа кога станува збор за СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ. И таа грижа на граѓаните не треба да ја ставиме по страна. Но, исто така, сметам дека во ниту еден документ не се загрозени ниту националните интереси, ниту е направено некакво предавство“,
кажа тој.
Филипче вчера, одговарајќи на новинарско прашање за отфрлањето на резолуцијата од страна на премиерот, рече дека Владата само бара изговори, исто како што бара изговори за да не ги спроведе уставните измени, додека реформските закони и дипломатската активност се во застој.
Тој минатата недела во телевизиско гостување рече дека неговата партија ќе изготви документ кој ќе го достави во текот на оваа недела до Собранието, кој ќе придонесе за одблокирање на евроинтеграциите во услови кога соседните држави Албанија и Црна Гора бележат напредок, а Македонија не.
Премиерот Христијан Мицкоски на ваква најава од Филипче рече дека на граѓаните им се потребни јасна политика и јасна визија на борба со аргументи и додава дека ова е работа што треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија
„Нашата позиција како влада ја знаете. А тој тип итроштини ќе ги оставиме во минатото“,
кажа тој.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, реплицирајќи на обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека Владата не сака да го откочи евроинтегративниот процес, рече дека преговорите не можат да бидат блокирани зашто никогаш не ни започнале благодарение на СДСМ и ДУИ.