Според претседателката на државата, тоа не значи дека не треба да се номинираат и луѓе надвор од дипломатската фела, наведувајќи, во тој контекст, дека во последните предлози има и луѓе од невладиниот сектор, кои, како што кажа, се одлични познавачи на проблемите што треба да ги претставуваат надвор
По шефот на македонската дипломатија, и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вели дека над 60 проценти од предложените кандидати за амбасадори во повеќе дипломатско-конзуларни претставништва се дипломати од кариера.

Без да споменува конкретни имиња, бидејќи во моментов постапката е класифициран податок, Сиљановска-Давкова рече дека нам како држава ни е многу важно кој не претставува надвор и додаде дека ја охрабрува Владата со вакви предлози.
„Законот за надворешни работи ја утврдува постапката, таа започнува од министерот за надворешни работи, преку Владата, па потоа ќе дојде кај мене. Сметам дека е најдобро во пополнувањето на испразнетите амбасадорски места да започнеме и акцентот да го ставиме на дипломати од кариера, и во моментов 67 проценти од предложените се луѓе од кариера“,
рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите по одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Претседателката на државата потсети дека според Законот за надворешни работи потребно е 50 проценти од шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) да бидат дипломати од кариера, односно да доаѓаат од редовите на вработените во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, а изрази надеж дека во иднина ќе се стигне и до 70 проценти на кариерни дипломати.
Сепак, додаде таа, тоа не значи дека не треба да се номинираат и луѓе надвор од дипломатската фела.
„Има држави во кои и новинари понекогаш се номинираат за амбасадори. Се работи за извонредни познавачи на проблематиката, тоа може да бидат и професори, тоа можат да бидат луѓе од бизнисот, важно луѓе кои ја знаат проблематиката, го познаваат јазикот на државата, говорат јазици и со дигнитет и интегритет може да ја претставуваат државата“,
рече таа.
Затоа, како што додаде, во последните предлози има и луѓе од невладиниот сектор, кои, според неа, се одлични познавачи на проблемите што треба да ги претставуваат надвор.
Претходно денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, потврди дека на седницата на Владата, одржана во вторникот, предложил повеќе имиња за пополнување на местата во повеќе дипломатско-конзуларни претставништва. Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Македонско-словачкиот бизнис-форум, Муцунски во тој контекст кажа и дека над 60 проценти од новите кандидати за амбасадори и генерални конзули се професионални дипломати од редот на вработените во Министерството, со богата дипломатска кариера од повеќе од 20 години.
Тој додаде дека поради фактот што оваа информација е од класифициран карактер не би можел да ги потврди имињата, но по добивање на агреманите и отпочнувањето на внатрешните процедури во државата, имињата ќе се потврдат бидејќи кандидатите ќе треба да ги бранат своите тези пред Комисијата за надворешна политика во Собранието.
Владата на седницата во вторникот, како што објавија дел од медиумите, одобрила список од деветмина нови амбасадори – во Стокхолм, Букурешт, Приштина, Лондон, Хаг, Стразбур, Софија, НАТО, како и двајца генерални конзули – во Солун и во Мелбурн.

Поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани ќе биде нов македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел, а нова амбасадорка во Лондон ќе биде Илина Мангова, која беше дел од раководството на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објави телевизијата Сител во вторникот.
Според информациите на Телевизија 24, Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе биде нов македонски амбасадор во Бугарија.
Во Романија, на местото на Андреј Жерновски ќе оди Габриел Атанасов, кој сега е вработен во МНР, а од кабинетот на Тимчо Муцунски во седиштето на Хаг ќе замине Линда Салиеска-Иљазоска. За амбасадор во Приштина е предложена Катерина Тодоровска.
За амбасадор во Шведска е предложен Мухарем Јусуфи, а Светлана Гелева е предложена за втор мандат во Советот на Европа во Стразбур. На листата исто така се споменуваат и две имиња за генерални конзули – Томислав Димитровски во Солун и Александар Крстевски во Мелбурн, и двајцата кадар од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Согласно законот, предложените амбасадори ќе треба своите планови да му ги претстават на Собранието во Комисијата за надворешна политика по што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе треба и официјално да ги испрати во дипломатска мисија.
Од претходно, познати се имињата на Веле Трпевски како амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ во Токио, Димитар Блажевски во Киев и Фадиљ Зендели во Копенхаген. И тие чекаат за одбрана на своите тези во Собранието.
По комплетирањето на сите процедури, бројот на дипломати испратени во мандатот на Муцунски ќе достигне 18.
