Според опозициската партија, Шилегов е уценет и соработува со ВМРО-ДПМНЕ, а неговата најавена платформа е наменета за рушење на СДСМ
Извршниот одбор на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска донесе одлука и иницира постапка за исклучување на ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, од членството на партијата.
Ваквата одлука на СДСМ следува откако вчера Шилегов во гостување на „Тема на денот“ на ТВ Сител рече дека опозициската партија кадровски се испразнила и најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.

„Шилегов е уценет и одработува за ВМРО. Ја разоткривме целата бизнис-шема на Христијан Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ во ‘Руднап‘. Сега на сите им јасно зошто толку многу сакаат да го рушат СДСМ“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека владејачката партија толку паднала што единствената опција им остана обидот да се урне СДСМ однатре.
Според партијата, на сите им јасно дека најавената платформа на Шилегов е наменета за рушење на СДСМ.
Во синоќешното интервју на ТВ Сител, Шилгов зборуваше и за обвинувањата дека одработува за владејачката партија и дека не може да се случи да работи за ВМРО-ДПМНЕ, односно дека тоа повторно може да го прави само за СДСМ.
За начините како ќе го изразат незадоволството, односно дали може да се очекуваат групации или фракции во партијата, рече дека процесот е активен, како и дека е поголем бројот на оние што не се согласуваат со тоа како се води СДСМ од страна на актуелното раководство.
„Процесот е активен, ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат, тоа да не го прават повеќе. Да дојдат некои други луѓе да ја раководат партијата“,
рече тој.
На новинарско прашање во која форма ќе биде воден тој процес во СДСМ, рече дека јавноста нема да би исклучена од случувањата и додаде дека наскоро ќе излезат со одредена платформа која ќе побара сериозни реформи внатре во партијата.
