Јакарино, поранешна директорка за маркетинг на медиумската компанија Ен-би-си Универзал, ја презеде функцијата извршен директор на Икс (поранешен Твитер) во јуни 2023 година, околу осум месеци откако Маск ја купи платформата
По две години на чело на социјалната мрежа Икс, која е во сопственост на најбогатиот човек на светот, Илон Маск, Линда Јакарино заминува од позицијата извршна директорка.

Веста доаѓа еден ден откако вештачката интелигенција на Маск се најде во центарот на скандал, бидејќи четботот „Грок“, развиен во рамките на неговата компанија хAI, генерираше низа објави на платформата Икс во кои се изразува восхит кон Адолф Хитлер и се промовира антисемитска содржина.
Компанијата за вештачка интелигенција на Маск, xAI, кон крајот на март го презеде Икс на Маск за 33 милијарди долари. Овој потег формално ги спои двата ентитета кои веќе беа тесно поврзани, но исто така покрена прашања за идната улога на Линда Јакарино.
Јакарино го најави своето заминување во објава на Икс, порачувајќи дека е неизмерно благодарна на Маск што ѝ ја доверил одговорноста за заштита на слободата на говорот и трансформација на Икс во апликација за сите.
„Најдоброто допрва доаѓа бидејќи Икс влегува во ново поглавје со xAI. Ќе ве бодрам сите додека продолжувате да го менувате светот“,
напиша таа.

Јакарино не наведе причина за нејзиното заминување, но извор близок до неа потврди за Ен-би-си њуз дека размислувала за заминување повеќе од една недела.
Маск го искоментира нејзиниот пост и напиша:
„Благодарам за придонесот“.
Јакарино, поранешна директорка за маркетинг на медиумската компанија Ен-би-си Универзал, ја презеде функцијата извршен директор на Икс (поранешен Твитер) во јуни 2023 година, околу осум месеци откако Маск ја купи платформата.
Таа беше донесена за да помогне во решавањето на проблематичното рекламирање на платформата, откако Маск со своите коментари и промени на платформата ја загрози соработката со познати брендови.