Донор на срцето и два бубрега е 42-годишна жена чија желба била да ги донира органите по смртта
Срце од починат донор денеска беше трансплантирано на шесеесет и шестгодишен пациент за кој немало друга алтернатива и чие срце функционирало со помалку од 20 отсто. Денеска се извршени и две трансплантации на бубрези од истиот донор врз четириесетгодишни пациенти кои оделе на дијализа.
Донор е 42-годишна жена која имала желба да ги донираат органите по смртта.
„Голема благодарност до семејството на починатата пациентка која за жал имаше спонтано крварење во мозокот и беше детектирана мозочна смрт, а сопругот и братот ја испочитуваа нејзината желба која ја искажала уште за време на животот, а тоа е при нејзина евентуална смрт да бидат донирани нејзините органи“,
изјави попладнево министерот за здравство Венко Филипче.
Пациентот на кого му е вградено новото срце е на респираторна машина, а веќе од утре треба да започне процесот на будење. Оваа фаза, како што посочи Филипче, е критична, но се надева дека пациентот ќе ја надмине и нема да има позначајни компликации.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, Сашко Јовев, изјави дека операцијата поминала добро и дека пациентот засега е добар.
„Се надеваме дека така ќе остане и понатаму“,
рече Јовев.
Изразувајќи благодарност до лекарските тимови, Филипче посочи дека ваквите постапки во делот на трансплантацијата го ставаат нашиот здравствен систем на еднакво рамниште со развиените европски земји.
„Мислам дека ваквите успешни трансплантации многу значат. Се подига свеста кај граѓаните за важоста од органодарителството. И овие чинови на трансплантација практично значат дека еден живот денес е спасен, а на други двајца пациенти животот целосно ќе им биде сменет и не ќе мора повеќе да одат на дијализа“,
рече Филипче.
За националниот координатор за трансплантација Маја Мојсова Мијовска, нема поблагороден чин од органодарителството.
„Со самите дела што ги правиме и кампањата што ја започнуваме во однос на подигнување на свеста на органодарителството видиме дека фамилиите разбираат за што зборуваме и знаат дека доколку се работи за мозочна смрт, останува дел од нивниот близок кој ќе работи во друго тело“,
изјави Мојсова-Мијовска.
Од мај 2020 година досега извршени се експлантации од седум починати донори, а трансплантирани се пет срца, 12 бубрега и едно коскено ткиво.