Димитриевски потврди дека еден од можните кандидати за Центар е актуелниот заменик-министер за енергетика Мирослав Лабудовиќ

Иако разговорите траат, повеќе од извесно е дека уште во првиот изборен круг ВМРО-ДПМНЕ ќе им даде поддршка на кандидатите за градоначалници на ЗНАМ во Куманово и Општина Центар, кажа партискиот лидер и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски вечерва на ТВ Сител.
Тој вели дека постапката за неговата повторна кандидатура за Куманово формално не е завршена, додека за Центар во игра се повеќе имиња, за кои течат анкети.
Димитриевски потврди дека еден од можните кандидати за Центар е актуелниот заменик-министер за енергетика Мирослав Лабудовиќ.
„Господинот Лабудовиќ е едно од имињата за кое во моментов правиме мерења, ќе почекаме да завршат истите и секако тоа да го договориме со нашиот владин партнер од кој очекуваме поддршка на нашиот кандидат во Центар и во останатите општини, бидејќи ќе следува реципроцитет и за Град Скопје и за останатите општини кадешто ЗНАМ ќе нема кандидат, да ги повика своите поддржувачи да ги поддржат нашите партнери од коалицијата на централно ниво“,
кажа тој.
На новинарско прашање дали очекува поддршка од ВРЕДИ во Куманово, Димитриевски кажа дека има договор со ВМРО-ДПМНЕ, додека со ВРЕДИ нема разговарано, иако има простор за тоа.
Димитриевски посочи дека во игра се кандидати на ЗНАМ и за места каде актуелни градоначалници се од редовите на опозицијата, но и од власта.
„Ќе се извршат мерења на имињата што ги дадовме и ќе ги избереме најпосакуваните кандидати за граѓаните“,
кажа Димитриевски и посочи дека со советничките листи ќе настапат самостојно.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски потврди дека со ЗНАМ се преговара за заеднички кандидат за Куманово и скопски Центар, но повтори дека повеќе информации ќе има во втората половина на август оти разговорите сè уште се во тек.