Еден од клучните наоди во извештајот, кој ги анализира јавните набавки во периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022 година, е тоа дека иако Владата во 2019 година одлучи да се набавува вода во стаклени наместо во пластични шишиња, сепак, во пракса околу 90 проценти од водата што се купува и натаму е во пластични шишиња
Иако Владата во последните години презеде чекори во насока на примена на „зелените“ јавни набавки во земјава, сепак, таа и нејзините институции главно не ги почитуваат препораките и заклучоците донесени на владините седници кои токму преку јавните набавки треба позитивно да влијаат врз животната средина. Иако Законот за јавните набавки ги овозможува т.н. зелени или одржливи набавки, тие во праксата речиси не се спроведуваат.
Ова е еден од клучните наоди во извештајот од анализите на јавните набавки поврзани со заштитата на животната средина за детектирање на ризиците од корупција што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
„Во земјава речиси не постојат т.н. зелени или одржливи набавки, иако поминаа повеќе од три години од примената на новиот Закон за јавните набавки (усогласен со последните директиви на ЕУ), којшто сугерира да се води сметка за влијанието на набавките врз животната средина“,
се посочува во извештајот.
Истражување на (не)примената на „зелени“ набавки во земјава
Еден од клучните наоди во извештајот, кој ги анализира јавните набавки во периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022 година, е тоа дека иако Владата во 2019 година одлучи да се набавува вода во стаклени наместо во пластични шишиња, сепак, во пракса околу 90 проценти од водата што се купува и натаму е во пластични шишиња. Се додава дека годишната набавка на вода е околу 1,3 милион литри вода, во вкупна вредност од околу 460 000 евра.

„Обработката и анализата на сите податоци преземени од електронскиот систем за јавни набавки укажува дека многу малку институции ја почитуваат одлуката на Владата да не се набавува вода во пластична амбалажа. Во периодот од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022 година, спроведени се 43 тендери за набавка на вода за пиење. Во 32 тендери е набавувана вода во пластична амбалажа, во девет е набавувана и во пластична и во стаклена, додека во две постапки (на Министерство за одбрана и на Управата за јавни приходи) е набавувана само вода во стаклена амбалажа“,
се посочува во извештајот.
Понатаму, во извештајот објавен од ЦГК се наведува дека Владата во 2021 година донесе заклучок за набавка на „еколошки возила“ и им препорача на институциите во следните набавки на возила, дел од нив да бидат електрични, хибридни или возила што загадуваат помалку. Но, како што се додава, неполн месец по донесувањето на заклучокот, Владата преку СОЗР набави 45 возила на оперативен лизинг на погонско гориво дизел, без ниту едно барање во тендерската документација и техничката спецификација кое се однесува на заштита на животната средина.
„Според податоците од склучените договори за јавни набавки од електронскиот систем за јавни набавки, од вкупно 206 возила (патнички, товарни и комерцијални) набавени во периодот на мониторинг, само шест возила (3 отсто) се хибридни (бензин и електричен погон), а други шест (3 отсто) се на комбиниран погон (бензин и плин). Сите останати возила се на дизел или бензин. Притоа, 82 проценти од возилата се на дизел, а 12 отсто се на бензин“,
се посочува во извештајот.

Понатаму, во однос на набавките на рециклирана хартија за печатење, е посочено дека од вкупно 1 400 институции регистрирани на системот за јавни набавки, само една институција спровела тендер за набавка на рециклираната хартија за печатење, и тоа неуспешно.
„Во мониторираниот период биле спроведени 884 постапки за набавка на хартија за печатење. Од нив, во буквално само една е побарана рециклирана хартија за печатење. Станува збор за набавка спроведена од страна на скопското јавно претпријатие Водовод и канализација, кое бараше 1 500 топови рециклирана хартија за печатење. Но, во постапката не беше доставена ниту една понуда и тој дел од тендерот беше поништен. Ова е втор неуспешен обид на јавното претпријатие да купи рециклирана хартија“,
се посочува во извештајот.
Во извештајот дополнително се наведува дека и покрај владиниот заклучок од 2019 година, во ниту еден тендер на Владата и на министерствата спроведени во 2021 и во 2022 година не се барало од понудувачите да ги спроведуваат обврските за проширена одговорност на производителот во однос на управувањето со отпад.
Па, така на пример, во набавката на вкупно 93 864 тонери во вредност од 3,1 милиони евра, државните институции во ниту еден од тендерите не барале од понудувачите да докажат дека ги спроведуваат обврските за проширена одговорност на производителот во однос на управувањето со отпад.
Целосниот извештај од истажувањето може да го прочитате на следниот линк.
Предлози за поголема примена на „зелените“ јавни набавки
Како дел од препораките кои се наведуваат во извештајот се и донесување политика и национален план за „зелени“ јавни набавки на ниво на државата, како и определување почетен список на производи, услуги и работи кои задолжително ќе се набавуваат како „зелени“ набавки. Во оваа група на производи и услуги се наведуваат енергетски ефикасни уреди, производи со рециклирана содржина и слично.
Дополнително, се препорачува да се определи одреден процент што би растел постепено од година в година на набавки кои мораат да бидат „зелени“. Една од препораките е и изработка на прирачници и спроведување на обуки кои ќе им помогнат на договорните органи при планирањето, спроведувањето и реализацијата на постапки за „зелени“ јавни набавки.
Документот со сите препораки за поттикнување „зелени“ јавни набавки може да го прочитате тука.