Доколку се направи анализа на склучените договори во 2022 година, според бројот на добиени понуди во постапката, произлегува дека најголем дел од договорите се склучени без посериозно присуство на конкуренција, односно со една или со две добиени понуди, се наведува во Извештајот од ЦГК
Клучен индикатор за проблеми во јавните набавки е исклучително високиот удел на поништени постапки, што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста во донесувањето на овие одлуки за поништување. Во 2022 година се поништени дури 31 отсто од тендерите

Роковите за отпочнување на тендерските постапки наведени во плановите за јавни набавки речиси воопшто не се почитуваат, покажува Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според наодите до кои е дојдено при анализите, дури 90 отсто од мониторираните постапки се спроведени со задоцнување, и тоа од 1 до 8 месеци. Со тоа, како што се вели во Извештајот на ЦГК, се доведува во прашање ефикасноста на функционирањето на институциите, но воедно и улогата која плановите за јавни набавки треба да ја имаат во однос на поттикнување на конкуренцијата.
„Во 2022 година се склучени 28 313 договори за јавни набавки, во вкупна вредност од 68 милијарди денари, односно 1,1 милијарда евра. Вредноста на набавките во 2022 година е намалена во однос на претходната година за 14 отсто, односно за 11 милијарди денари. Доколку се направи анализа на склучените договори во 2022 година, според бројот на добиени понуди во постапката, произлегува дека најголем дел од договорите се склучени без посериозно присуство на конкуренција, односно со една или со две добиени понуди“,
се наведува во Извештајот.

Минатата година, во седум отсто од тендерите не била доставена ниту една понуда, и тоа овој проблем бил понагласен на локално отколку на национално ниво. Само една понуда била доставена во дури 32 отсто од тендерите, а, според Извештајот, две понуди биле доставени во дури 25 отсто, што го олеснува и процесот на договарање помеѓу понудувачите.
„Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9 305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари, односно 427 милиони евра. Отсуството на конкуренција води кон зголемување на ризикот во тендерите да не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари. Просечниот број понуди на сите постапки за јавни набавки во 2022 година изнесува три понуди по тендер, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021“,
се вели во Извештајот на ЦГК.
Клучен индикатор за проблеми во јавните набавки е високиот број поништувања
Еден од клучните индикатори за проблеми во јавните набавки, како што се наведува во Извештајот на ЦГК, е високиот број поништувања. Наместо да се намалува, бројот на поништувања во 2022 година е зголемен за два процентни поени во однос на 2021 година и изнесува 7 048.
Исклучително високиот удел на поништени постапки фрла сомнеж врз објективноста и законитоста во донесувањето на овие одлуки за поништување. Во 2022 година се поништени дури 31 отсто од тендерите.
„Кај 70 отсто од донесените одлуки за поништување на тендерите причината била дека не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда. Оваа состојба укажува дека изостанува посакуваната конкуренција, но и дека во голем дел во тендерите, добиените понуди не биле во согласност со барањата од тендерската документација. Друга причина е дека понудените цени биле понеповолни од пазарните, што било основа за поништување на 13 отсто од постапките за јавни набавки. Причина за поништување на 12 отсто од тендерите биле важни пропусти во тендерските документации“,
се додава во Извештајот.

На ниво на институции, од анализите на ЦГК, се гледа дека најголем број поништени тендери во апсолутен износ има АД Електрани, каде што се поништени 230 тендерски постапки од вкупно спроведените 582 тендери. Некои од овие одлуки се однесувале на поништување на целиот тендер, а некои биле за поништување на одделни делови на тендерот. На второ место е Министерството за внатрешни работи, каде што произлегува дека за 186 тендерски постапки се донесени 180 одлуки за поништување, што упатува на често поништување еден или повеќе делови од тендерите.

Предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки во 2022 година биле 270 тендери од вкупно спроведените околу 23 илјади тендери. Од вкупно спроведените управни контроли во 2022 година од страна на Бирото, во 52 постапки, односно во 19 отсто од нив се констатирани неправилности.
„Ова укажува на благ пораст во однос на 2021 година и на мал опфат на контрола од само 1,18 отсто од тендерите. Во текот на 2022 година, Бирото за јавни набавки за првпат има доставено два предмети до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за можни злоупотреби на одредбите од јавни набавки. Наместо да се зголеми бројот на вработени во одделението за управна контрола, во 2022 година нивниот број е намален од 5 на 4 вработени“,
се наведува во Извештајот.
Намален број жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки
Исто така, констатирано е дека се намалува бројот на жалби од фирмите кои во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е за 34 отсто помалку од претходната година
Во Извештајот на ЦГК се наведува дека вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас во 2022 година изнесува 31 милиони евра и бележи намалување во однос на претходната година за 30 отсто. Гледано на ниво на институции, две третини од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани со 23 договори во вредност од 21 милион евра.
На второ место е Министерството за образование и наука, со 16 договори во вредност од 3,2 милиони евра, и на трето е Министерството за внатрешни работи, со склучени 10 договори преку постапката со преговарање без објавување оглас, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра. Сите останати институции потрошиле 6,7 милиони евра и имаат удел од 21 отсто.

Од ЦГК велат дека најниската цена била користена како критериум за избор на најповолната понуда во тендерските постапки во дури 94 отсто од тендерите спроведени во 2022 година, исто како и претходната година. Наспроти тоа, опаѓа примената на електронската аукција, која е применета во 73 отсто од тендерите наспроти 89 отсто во 2021 година.
Процесот на јавни набавки фирмите го оценуваат со просечна оценка од 2,8
Во истражувањето е спроведена и анкета кај компаниите за нивното искуство. Фирмите го оцениле процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани.

Според добиените одговори, најчестиот проблем со кои тие се соочиле во јавните набавки е „најниската цена“ како критериум за избор, нешто на што се пожалиле дури 63 отсто од анкетираните фирми. Дополнително, 93 отсто од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот, а 54 отсто признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите.
Речиси половина од компаниите сметаат дека има корупција во јавните набавки. Во одговорите наведени во Извештајот на ЦГК, се вели дека 18 отсто лично се соочиле со корупција на тендерите, а 64 отсто од анкетираните компании сметаат дека врските се најчест облик на корупција.