На ваквите наводи синоќа остро реагираше американскиот претседател Доналд Трамп кој ги обвини медиумите дека со овие написи се обидуваат да го поткопаат успехот на воената операција на САД врз иранските нуклеарни постројки
Извештај на Агенцијата за одбранбено разузнавање на Пентагон, со назнака доверливо, сугерира дека американските напади врз нуклеарните објекти на Иран во текот на викендот не успеале да уништат две од локациите и веројатно ја вратиле нуклеарната програма само за неколку месеци, изјавиле две лица запознаени со извештајот, пренесува „Гардијан“.

Во извештајот, според наводите на двата извори, се заклучува дека клучните компоненти на нуклеарната програма, вклучително и центрифугите, можеле да се рестартираат во рок од неколку месеци.
Извештајот, исто така, открива дека голем дел од иранските резерви на високо збогатен ураниум што би можеле да се користат за евентуално производство на нуклеарно оружје биле преместени пред нападите и можеби се наоѓаат на други тајни локации во Иран.
Наодите на Агенцијата, кои, како што се наведува се базираат на прелиминарна проценка на штетите од операцијата спроведена од Централната команда на САД, која ги надгледува воените операции на САД на Блискиот Исток, сугерираат дека изјавата на Трамп за „уништените“ локации можеби била преценета.
Трамп во своето телевизиско обраќање во саботата, веднаш по операцијата, изјави дека САД целосно ги уништиле иранските постројки за збогатување ураниум во Натанц и Фордоу, објектот закопан длабоко под земја, како и во Исфахан, каде што се складирал збогатениот ураниум.
„Нападите беа спектакуларен воен успех. Клучните нуклеарни постројки за збогатување ураниум на Иран се целосно и тотално уништени. Иран, насилникот на Блискиот Исток, сега мора да склучи мир“,
рече Трамп во своето обраќање од Белата куќа.
Иако извештајот на е само почетна проценка, еден од изворите запознаени со него навел дека ако разузнавачките информации на терен во рок од неколку дена не потврдат дека Фордоу е уништен, подоцнежните проценки би можеле да сугерираат дека е нанесена уште помала штета.
Медиумските написи за првичните проценките од операцијата на САД во Иран го налутија американскиот претседател Доналд Трамп кој синоќа ги обвини медиумите дека го понижуваат воениот напад.
„Нуклеарните локации во Иран се целосно уништени!“,
објави Трамп со големи букви на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).
Белата куќа, исто така, ја оспори проценката на разузнавањето, што првично ја објави Си-ен-ен.
„Протекувањето на оваа наводна проценка е јасен обид да се понижи претседателот Трамп и да се дискредитираат храбрите пилоти на борбени авиони кои спроведоа совршена мисија за уништување на нуклеарната програма на Иран“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Секретарот за одбрана на САД, Пит Хегсет, го повтори тврдењето на Трамп дека локациите се уништени, додека шефот на Здружениот генералштаб на силите на САД, генералот Ден Кејн, кој ја надгледуваше операцијата, беше поумерен во своите забелешки, наведува „Гардијан“.
Кејн рече дека сите три нуклеарни локации претрпеле сериозни штети и уништување, но предупреди дека конечната проценка на исходот од воената операција сè уште треба да се направи.