Земји со најголеми слободи во светот се Шведска, Норвешка и Финска, со маскимални 100 поени, САД имаат 83, Русија 16, Кина 9, а Украина 50. Најнеслободни држави се Северна Кореја со три и Сирија со еден поен
Северна Македонија во најновиот извештај на „Фридом хаус“, насловен „Слободата во светот 2023“, има годишен индекс на слободата од 68 од можни сто поени, што е напредок од еден индексен поен во споредба со лани. Со оценката 68, Северна Македонија е рангирана во групата на „делумно слободни“ држави.

Во истата група се и повеќето земји во регионот. Србија бележи пад и има 60 поени, исто колку и Косово кое, пак, има напредок од четири поени. Албанија и Црна Гора имаат оценка 67, Бугарија 79, Хрватска 84 и Грција 86. Највисок индекс на слободи меѓу земјите во регионот има Словенија – 95, а најнизок Босна и Херцеговина – 52.
Земји со најголеми слободи во светот се Шведска, Норвешка и Финска со максимални 100 поени, САД имаат 83, Русија 16, Кина 9, а Украина 50. Најнеслободни држави се Северна Кореја со три и Сирија со еден поен.
„Фридом хаус“ во најновиот извештај забележува дека глобалната слобода се намалува 17-та година по ред. Руската инвазија доведе до катастрофални нарушувања на човековите права во Украина, а новите преврати и други обиди за поткопување на избраните власти ги дестабилизираа Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил, оценува организацијата.
„Најсериозните неуспеси за слободата и демократијата беа резултат на војната, државните удари и нападите врз демократските институции од страна на нелиберални функционери. Авторитарниот режим во Русија започна целосна инвазија на Украина во обид да го уништи тешко постигнатиот демократски напредок на таа земја. Новите преврати и други обиди за поткопување на репрезентативната влада ги дестабилизираа Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил. Превратите од претходните години и тековната репресија продолжија да ги намалуваат основните слободи во Гвинеја и да ги ограничат оние во средини како Турција, Мјанмар и Тајланд. Авганистанскиот талибански режим им забрани на девојчињата да добијат образование во екот на тековната економска и хуманитарна криза. Владите и окупаторските сили употребија насилство и други средства за да ги уништат културите и да го променат етничкиот состав на населението во 21 земја и територии, вклучувајќи ги Украина, Етиопија и Мјанмар“,
се наведува во извештајот на „Фридом хаус“.