Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација што го одложи усвојувањето на многу закони, забележува Европската комисија која во однос на Собранието порачува дека е потребно да се имплементираат препораките од Дијалогот Жан Моне без понатамошно одложување
За изборното законодавство и оваа година ЕК ни забележува што се имплементираат до крај препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, а како умерено подготвена земјата ја оценува и кога станува збор за јавната администрација, судството, борбата против корупцијата…
Властите во Северна Македонија продолжија да ја демонстрираат нивната посветеност за напредок на патот кон Европската Унија. Исто така, Северна Македонија целосно се усогласи со позициите на ЕУ за војната во Украина со што уште еднаш покажа дека е доверлив партнер.
Ова го констатира Европската комисија (ЕК) во извештајот за напредокот на земјава презентиран денеска во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент (ЕП).
Извештајот е веќе јавно достапен и во него на почетокот се констатира дека постојните предизвици со кои се соочувала земјата претходно, сега се влошени од влијанието на ковид-пандемијата и од новите ризици предизвикани од руската агресија врз Украина, вклучително и од високите цени на енергенсите, стоките и храната, а сето тоа во комбинација со прекини во синџирите за снабдување. Северна Македонија, констатира, ЕК, презеде мерки за да ги ублажи ваквите предизвици.
Ова е прв извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава, откако претходно од 2009 година ЕК континуирано препорачуваше отворање на пристапните преговори, а во 2020 година Европскиот совет ја одобри одлуката за отворање на преговорите.
Ограничен напредок за препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија за изборното законодавство
Во политичките критериуми, во извештајот се нотира дека Северна Македонија продолжила со напорите да ја зајакне демократијата и владеењето на правото, и покрај тоа што имало одредени предизвици. Се нотира дека лани во октомври се одржаа локалните избори, но и се забележува дека не се целосно имплементирани препораките за изборното законодавство дадени од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
„Како што беше споменато и во претходните извештаи, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира за да се решат постојните недоследности и релевантните закони треба да се усвојат низ навремен, инклузивен и транспарентен процес, пред следните избори. Во оваа насока, властите треба да ги засилат своите напори и да покажат волја за дополнително подобрување на изборниот процес“,
пишува во извештајот.
Предлозите од „Жан Моне“ да се спроведат без одлагање, да има почести пратенички прашања

Во делот за работата на Собранието, пак, ЕК констатира дека таа е нарушена од политичката поларизација со што се одложува усвојувањето на многу закони.
Комисијата констатира дека пратениците успеале да ги усвојат заклучоците за отворање на преговорите со ЕУ, како и дека заедно со Владата се обврзале на уставни измени за вметнување на граѓаните кои живеат во државата во нејзиниот Устав.
Во однос на забелешките, ЕК порачува дека се потребни правилно планирање и консултации, за да се ограничи употребата на процедурите за носење закони по скратена постапка.
„Надзорот на извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се врши на поредовна основа. Предлозите за внатрешна реформа на парламентот договорени во Дијалогот Жан Моне на почетокот на 2020 година треба да се спроведат без понатамошно одлагање“,
пишува во извештајот.
Понатаму се констатира дека се потребни решителни напори за да се продолжи во процесот за пристапување во ЕК, како и да се стави посебен фокус на ефективна примена на постојното законодавство наместо да се покренуваат ад хок иницијативи.
Да се зајакне надзорот врз разузнавачките служби
Европската комисија се осврнува и на реформите во разузнавачките служби, за што наведува:
„Северна Македонија спроведе сеопфатна реформа на своите разузнавачки служби. Сепак, земјата треба да го зајакне својот капацитет за парламентарен надзор над службите“.
Во извештајот е посветено внимание и на граѓанските организации за кои се констатира дека работат во поволна средина при што како позитивно се поздравува тоа што беше усвоена Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество 2022-2024 година.
Граѓанското општество, забележува ЕК, продолжи да игра важна улога во процесите на донесување одлуки и во следењето на активностите на државата. Сепак, се вели дека е потребно подобрување на транспарентноста во креирањето политики и инклузивноста на консултативните процеси.
Судство и реформи во јавна администрација: Државата е умерено подготвена

Кога станува збор за јавната администрација, пак, ЕК забележува дека во однос на реформата во овој сектор Северна Македонија останува умерено подготвена.
Се нотира дека е постигнат ограничен напредок во спроведувањето на препораките од лани и дека е усвоена новата програма за реформи во управувањето со јавни финансии за периодот од 2022 до 2025, но се доцнело со носење на нова законска регулатива за организација на работата на органите на државната управа и нов закон за управување со човечки ресурси.
За Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси се забележува дека работела проактивно за да се спречи непотизам, кронизам и политичко влијание во вработувањата во јавниот сектор и во назначувањето членови на надзорни и управни одбори.
Како умерено подготвена државата е оценета и кога станува збор за правосудниот систем. ЕК наведува дека е постигнат одреден напредок со тоа што имало стабилна имплементација на Стратегијата за реформи во правосудство, како и дека се подготвува нова, врз основа на научените лекции од претходната.
„Судството ја покажа својата посветеност да го заштити својот интегритет и независност. Треба да се засили темпото на имплементација на стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството. Судските институции доследно ги спроведуваат новите правила за именување, унапредување, дисциплински постапки и разрешување на судии и обвинители. Унапредувањето во повисоките судови се соочи со одложувања, а пензионирањето дополнително го намалија бројот на судии и обвинители“,
забележува ЕК.
Потребни се човечки и финансиски ресурси во органите за гонење корупција
Понатаму, извештајот се осврнува и на подготвеноста на државата во превенцијата и борбата против корупцијата, за што се вели дека таа е умерено подготвена.
Се нотира дека е постигнат одреден напредок бидејќи државата продолжила да ги консолидира перформансите во истрагата, гонењето и судењето на неколку случаи за корупција, вклучително и за корупција на високо ниво, а се поздравува и тоа што случаите од поранешното СЈО продолжиле понатаму и има правосилни пресуди.
За ДКСК се нотира дека била проактивна и обезбедила насоки за јавните институции како да се справат со корупцијата, но и отворила неколку случаи, вклучително и против високи функционери. Она што се препорачува е дека се потребни дополнителни човечки ресурси, но и пари во институциите што се задолжени за борба против корупцијата.,
„Дополнителни човечки, но и финансиски ресурси треба да се стават на располагање на јавното обвинителство, истражните центри и институциите задолжени за истрагите за корупција“,
пишува ЕК.
Одредено ниво на напредок се оценува дека има и во борбата против организираниот криминал, пред сè, во оперативните соработки со меѓународните партнери, а подобрена е и координацијата.
„Треба да се направи повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. Истражните центри при основните јавни обвинителства треба да се зајакнат за да ги постигнат своите цели – зголемување на ефикасноста во истрагите и подобра координација меѓу обвинителствата, полицијата и другите релевантни институции“,
се наведува во извештајот.
И за борбата против тероризмот и насилен екстремизам се оценува дека има одреден напредок во согласност со целите кои беа утврдени во заедничкиот акциски план за борба против тероризмот на Западен Балкан. Во справувањето со тероризмот и насилниот екстремизам се нотира дека работата треба да продолжи на реинтеграција и ресоцијализација на повратниците, како и на дерадикализација во затворите.
Недостасува посветеност во борбата против тортура и постапувањето со притворените и осудените
Во однос на заштитата на фундаменталните права, според извештајот на Европската комисија земјава во овој сегмент во голема мера ја има усогласено правната рамка со европските стандарди. Министерството за труд и социјална политика, според ЕК продолжува да вложува во општествените услуги, вклучително и во поддршка на жртвите на родово насилство. Од особена важност е спроведувањето на сите одредби од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Може да се забележат подобрувања во вклучувањето на родовите аспекти во главните политички текови и почитување на правата на жените.
Недоволна посветеност и затајување на земјава Комисијата нотира во врска со препораките на ЕК за борба против тортура и постапувањето со притворените и осудените лица во затворите.
Имплементација на законодавството против говорот на омраза и националниот акционен план во рамките на Истанбулската конвенција, според извештајот треба да се подобри во дел од одредбите.
„Цивилниот механизам за надворешен надзор над полицијата сè уште не е целосно функционален и недостигаат претставници од граѓанските организации“,
се наведува во извештајот.
Потребна е реформа на јавниот радиодифузен сервис
Извештајот на ЕК нотира умерен успех во областа на слободата на изразување, каде, како што се наведува, постигнат е ограничен напредок во однос на препораките од претходниот извештај.
Од ЕК оценуваат дека во општ контекст сликата за слободата на медиумите е поволна, се истакнува можноста за критичко медиумско известување, иако, како што се додава забележани се одредени тензии за време на локалните избори во 20121 година.
Активностите за саморегулација на медиумите треба да продолжат, стои во извештајот и да доведат до практични резултати преку унапредување на професионалните стандарди во новинарството.
Од ЕК нотираат дека е потребна поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, а надлежните треба да ги засилат своите напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи негова независност, професионални стандарди и финансиска одржливост.

„Работничките права на новинарите сè уште треба да се решат“,
се наведува во извештајот.
Во однос на регионалната соработка, во извештајот се нотира дека земјата одржува добри односи со другите земји од регионот и го продолжува својот ангажман во регионалните иницијативи. Во овој дел посочени се Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, кои како што се порачува во извештајот, треба да се спроведат во добра волја од сите страни.
Недостигот на вештини кај работниците го намалува потенцијалот за раст
Во делот на економските критериуми, во извештајот на ЕК се наведува дека Северна Македонија постигнала одреден напредок и дека е постигнато добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија.
„Во 2021 година, економијата во голема мера се опорави од пандемијата со ковид-19. Владата продолжи да спроведува мерки за фискална поддршка кои ќе помогнат во закрепнувањето“,
се наведува во извештајот.
Во него се нотирани и мерките на македонската Влада за справување со економската и енергетската криза.
Банкарскиот сектор, според ЕК останува во добра кондиција, додека на управувањето со јавните инвестиции му е потребно дополнително подобрување.
Во однос на конкуретноста на пазарот, ЕК посочува дека земјава во овој сегмент е делумно подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ.
Нотирано е зголемување на производите со висока вредност во извозот, а нотиран е дополнителен напредок во стручното образование и обука, но големиот недостиг на вештини и понатаму не го задоволуваат пазарот на трудот „што повлекува долга транзиција од училиште до работа“. Овие прашања, како и големите празнини во транспортот и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и трошоците за иновации го кочат потенцијалниот ратс на земјава, се наведува во извештајот.
Според ЕК, забележан е напредок во дигитализацијата на економијата, но, се препорачува дека конкурентноста на домашните бизниси може да се подобри преку поширока понуда на јавни е-услуги.
Севкупно, се наведува во извештајот С Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со Кластерот 3 односно во делот на конкурентноста и инклузивниот раст, како и во дигиталната трансформација и медиумите, оданочувањето, претпријатијата и индустриската политика, образованието и културата и економската и монетарната политика.
Европската комисија во наведените области од Кластерот 3 препорачува натамошни подобрувања и напори за надминување на нотираните недостатоци.
Има ограничен напредок во енергетиката, траспортната политика и трансевропската мрежа
Во врска со кластерот 4 односно политиките од Зелената агенда во извештајот на ЕК се оценува дека од страна на земјава е постигнат одреден напредок во областа на животната средина и климатска промени, но оти се потребни значителни напори во сегментите каде е забележан ограничен напредок – енергетиката, транспортната политика и трансевропските мрежи.
„Земјата во претстојниот период треба да ја забрза имплементацијата на економскиот и инвестицискиот план на Зелената агенда за Западен Балкан“,
стои во извештајот.
Северна Македонија, според ЕК е умерено подготвена во повеќето области на Кластерот 5 за ресурси, земјоделството и кохезијата. Нотирано е добро ниво на подготовка во делот на безбедноста на храната, во ветеринарната и фитосанитарна политика.
Сепак, како што се додава во извештајот потребни се дополнителни напори, особено во областите каде што е постигнат ограничен или никаков напредок, како во рибарството, финансиските и буџетските одредби, и во регионалната политика и координацијата на структурни инструменти.
Договорот со Фронтекс се очекува да биде потпишан до крајот на годината
Во однос на Кластерот 6 за надворешни односи, во извештајот се посочува дека Северна Македонија има постигнато добро ниво на подготовка во однос на заедничка надворешна и безбедносна политика.
„Северна Македонија постигна многу добар напредок и целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, по руската агресија против Украина. Со тоа, Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер“,
се наведува во извештајот.
Во однос на миграцијата, од ЕК нотираат дека земјава останува една од главните транзитни рути за движење на мигранти, но, се додава дека С Македонија продолжува да игра конструктивна улога и ефикасно да соработува со соседните земји и земјите-членки на ЕУ по ова прашање.
Договорот со Фронтекс кој треба да распореди постојан корпус на Европската гранична и крајбрежна стража во земјава, според извештајот, се очекува да биде потпишан пред крајот на годинава.
Како забелешка, од ЕК препорачуваат дека на земјава ѝ е потребен посистематски пристап во борбата против криумчарењето мигранти, како и буџетски средства за таа намена.
Александар Самарџиски и Бранислав Закев