Во светло на пандемијата, Организацијата воочува влошување на состојбата со човековите права речиси секаде во светот, а за нашата земја се посочува дека посебно се погодени жените, ромската заедница и други маргинализирани групи
И покрај спроведувањето на реформите идентификувани од Европската комисија, останува загриженоста за неказнивост, говор на омраза, дискриминација на жени, Роми и ЛГБТИ, се наведува во делот за Северна Македонија во извештајот на „Амнести интернешнл“ за состојбата со човековите права во 2020 година.
Организацијата воочува влошување на состојбата со човековите права речиси секаде во светот, а за нашата земја се посочува дека посебно се погодени жените, припадниците на ромската заедница и други маргинализирани групи.
„Глобалната пандемија го обелодени ужасното наследство на свесно разединувачки и деструктивни политики што ги одржуваат нееднаквоста, дискриминацијата и угнетувањето и го трасираат патот кон пустошот што го создаде ковид-19“
алармира „Амнести интернешнл“ во воведот на годишниот извештај што е објавен денес, а со кој се опфатени 149 земји.
Во однос на С Македонија, извештајот се осврнува на прогласувањето вонредна состојба минатата година, како и на полицискиот час, а за забраната за верски собири се посочува дека беше применета на селективен начин.
„Амнести“ истакнува дека Северна Македонија го скрати буџетот за невладиниот сектор за 525 илјади евра, со што ја загрози способноста на овие организации да обезбедат есенцијални услуги во услови на криза. Што се однесува до судството, се наведува дека нема напредок во судските процедури поврзани за прекршување на рестрикциите за ковид-19.
Дискриминацијата базирана на етничката, верската, родовата припадност и сексуалната ориентација не само што останува проблем во Северна Македонија туку и се влошила со пандемијата.
„Припадниците на албанската заедница беа често мета на говор на омраза и на дезинформација на социјалните мрежи“, .
нагласува „Амнести интернешнл“ повикувајќи се на податоци на Хелсиншкиот комитет за човекови права кој констатирал зголемување од 80 отсто на исламофобичниот говор на омраза пред изборите во јули
Ромите се исто така силно погодени од дискриминација во земјата, посебно во делот на пристапот до финансиска помош за време на пандемијата, најранливите лица можеле да сметаат пред сѐ на невладините организации и некои локални власти за хуманитарни пакети.
Жените и натаму остануваат ранлива категорија, посебно на работното место за време на пандемијата.
„Жените беа посебно погодени, а на некои им беше нелегално задржан дел од платата кога отсуствуваа од работа“,
се наведува во извештајот.
„Амнести“ се осврнува и на текстилната индустрија каде жените се соочиле со закани за бркање од работа, закани дека нема да им се обнови договорот за работа и текстилни работнички присилени да одат на работа за викенд во Штип за време на полицискиот час.
Владата на Северна Македонија не ги имплементирала целосно ниту препораките за заштита на жените и децата жртви на насилство.