„Секој поединечен придонес е важен. Но, за она што е во надлежност на Градот Скопје, порачувам јасно и недвосмислено дека нема да има никаква толеранција. Ред мора да има. Законот ќе се спроведува. А здравјето на скопјани ќе биде наш апсолутен приоритет“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска објави дека Инспекторатот за животна средина изрекол казни кон правни лица – загадувачи во Скопје, откако во изминатите два дена биле спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен.

Информацијата скопскиот градоначалник ја соопшти во објава на својот фејсбук-профил. Во неа тој не наведува кои фирми се казнети поради загадување на амбиенталниот воздух во главниот град, но порачува дека активностите што се во надлежност на градските власти ќе продолжат со несмален интензитет.
Тој, исто така, ги повика скопјани да пријават потенцијални загадувачи на следната мејлот: [email protected].
„Нема толеранција за никого – изречени се казни на загадувачите во Скопје. Изминативе денови Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот. Според податоците од државниот мониторинг, беше пробиен дозволениот праг и состојбата бараше итна и решителна реакција. Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам. Во изминатите два дена беа спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица – загадувачи и јасно покажа дека законот важи за сите“,
напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Скопје најавува дека службите на Градот нема да застанат тука и дека секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција.
Ѓорѓиевски додава дека паралелно со репресивните мерки, Градот Скопје излегол и со низа препораки и мерки за заштита од загадениот воздух, кои се јавно објавени и достапни за сите граѓани на веб-страницата: https://skopje.gov.mk/…/19-12-25-soopstenie_preporaki…/.
Овие препораки, како што вели, веќе се применуваат и се важен дел од заедничката борба за почист воздух.
„Воедно, сакам јавно да ја поздравам силната и континуирана заложба на Владата на Република Македонија за чекорите што за само година и пол, заедно со локалната власт, се преземени во насока на почист воздух. Тука спаѓаат Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер-клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување низ државата, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во Скопје, како и новите паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух и многу други мерки“,
вели скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски во објавата нагласува дека борбата за почист воздух е заедничка и апелира до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките.
„Секој поединечен придонес е важен. Но, за она што е во надлежност на Градот Скопје, порачувам јасно и недвосмислено дека нема да има никаква толеранција. Ред мора да има. Законот ќе се спроведува. А здравјето на скопјани ќе биде наш апсолутен приоритет“,
вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Во неделата советниците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија во Советот на Град Скопје побараа во главниот град да биде прогласена еколошка и здравствена криза поради високото ниво на аерозагадување во изминатите неколку дена.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека е лицемерно што СДСМ го наметнува аерозагадувањето во фокусот на јавноста, а во одделно соопштение од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Град Скопје рекоа дека имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе ја подготвуваат експерти со докажано искуство и со успешни проекти зад нив.
