Ниту по 11 јули Бугарија нема да добие политичка влада. Сè наликува на сценариото од Израел каде што од април 2019 до март оваа година беа одржани четири циклуси парламентарни избори. Впечаток на странските аналитичари е дека единствен добитник во ваква ситуација би бил поранешниот премиер Борисов, бидејќи очекувањата за промени ќе стануваат сè помали во однос на копнежот за стабилност
Слави Трифонов не се кандидираше, па затоа се поставува прашањето, кој ќе ја води Бугарија по 11 јули ако тој не сака, а претседателот Румен Радев не може, укажуваат во своите коментари странските аналитичари. Оваа дилема ја генерира шефицата на софиската канцеларија на фондацијата „Фридрих Еберт“, Хелене Котрлендер, според која тоа е најголемиот адут на Бојко Борисов.
„Ако формирањето влада по изборите повторно не успее, копнежот за стабилност, дури и по цена Борисов да се врати на власта, може да стане посилен од желбата за промени. Така, бившиот премиер може да постигне нешто слично како победа во тај-брејк“,
констатира Кортлендер.
Сценарио во кое ќе се случи промена на власта не очекува ни Карола Клат од Фондацијата „Бертелсман“. Таа за австриски „Стандард“ вели дека, и покрај тоа што на новите политички партии постојано им расте рејтингот, речиси е невозможно да се очекува на претстојните избори новите избори нивниот блок да формира стабилно парламентарно мнозинство.
„Причина за тоа се фрагментираниот политички систем и несразмерниот популизам на новата политичка фигура, телевизиската ѕвезда Слави Трифонов, и покрај тоа што земјата има сериозен проблем со корумпираната елита“,
вели Клат.
И во анализата на „Еуроњуз“ се обрнува внимание на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов. Предвидуваат дека таа може да постигне сериозен изборен резултат, но како проблем за преземање на власта го посочуваат токму нејзиниот лидер. Тој, не само што не е кандидат за пратеник туку постојано ги избегнува соочувањата со опонентите, не одржува средби со граѓаните и со јавноста комуницира единствено преку социјалните мрежи, но и во тој однос со неа, ниту тој ниту неговата партија не ги објаснуваат своите конкретни цели и проекти.
Му се забележува и дека нема коалициски капацитет, а самата партија не може да го освои мнозинството. Бидејќи на хоризонтот не се ни навестува потенцијално партнерство со другите нови партии кои произлегоа од ланските антивладини протести, очекувањата се дека ниту по 11 јули Бугарија нема да ја предводи политичка влада, што според аналитичарите му е од полза единствено на поранешниот премиер, Бојко Борисов.