Во соопштението се наведува дека, покрај тунелите, биле уништени и десетици објекти кои, според израелската војска, Хамас ги користел за терористички активности
Единици на израелските одбранбени сили (ИДФ) кои биле распоредени во областа Кан Јунис, на источната страна од т.н. Жолта линија во јужна Газа, уништиле четири подземни тунели на Хамас.

Според извештајот на ИДФ, операцијата ја извршиле војниците од седмата оклопна бригада, пешадиската бригада Голани и специјалната инженерска единица Јахалом. Во соопштението се наведува дека, покрај тунелите, биле уништени и десетици објекти кои, според израелската војска, Хамас ги користел за терористички активности, при што било пронајдено и големо количество оружје.
Израелските сили и понатаму остануваат распоредени во појасот Газа, во согласност со договорот за прекин на огнот, и дека ќе продолжат да дејствуваат за елиминирање на секоја непосредна закана.
Пред неколку денови, САД испрати нацрт-резолуција до неколку членки на Советот за безбедност на ОН за воспоставување меѓународни безбедносни сили во Појасот Газа со мандат најмалку до крајот на 2027 година и можност за продолжување, објави порталот „Аксиос“. Според нацртот, меѓународните безбедносни сили (МСБ) би имале широк мандат за управување со безбедноста и заштита на цивилите во транзицискиот период – до постепено повлекување на израелските сили и реформирање на Палестинската управа.
Американски официјален претставник за „Аксиос“ изјавил дека документот ќе биде основа за преговори меѓу членките на Советот за безбедност во наредните денови, со цел да се гласа и да се формираат силите до крајот на годинава, а првите трупи да бидат распоредени во јануари.
