Израелската војска соопшти дека цел на нападите бил воен комплекс во рамките на кој се наоѓаат претседателската палата, две електрани и складиште за гориво во главниот град на Јемен
Израелските сили вчера извршија напади на главниот град на Јемен, Сана, во кој, според претставници на здравствените власти под контрола на милитантната секта хути, загинале шест лица, пренесува „Гардијан“.

Нападите, како што се наведува, се одмазда за ракетите што хутите неодамна ги истрелаа кон Израел.
Станува збор за најнови во серијата директни напади и контранапади меѓу Израел и милитантната група хути, кои траат повеќе од една година, а се дел од прелевањето на конфликтот во Газа на други делови на Блискиот Исток.
Израелската војска соопшти дека цел на нападите бил воен комплекс во рамките на кој се наоѓаат претседателската палата, две електрани и складиште за гориво во главниот град на Јемен.
Портпарол на Министерството за здравство под контрола на хутите соопшти дека во нападите биле повредени 86 лица.
„Нападите беа спроведени како одговор на нападите од страна на терористичкиот режим на хутите врз државата Израел и нејзините цивили, вклучително и лансирањето ракети земја-земја и беспилотни летала кон израелска територија во последните денови“,
соопшти израелската војска.
Во петокот, хутите соопштија дека истрелале балистичка ракета кон Израел во нивниот последен напад, за кој рекоа дека е во знак на поддршка на Палестинците во Газа. Претставник на израелските воздухопловни сили вчера изјави дека ракетата најверојатно носела касетна боева глава наменета да детонира по ударот.
„Ова е прв пат ваков вид ракета да биде лансирана од Јемен“,
рече израелскиот функционер.
Откако започна војната на Израел во Газа против палестинската милитантна група Хамас во октомври 2023 година, хутите, кои ја имаат поддршката на Иран, нападнаа бродови во Црвеното Море, во рамките на она што го опишуваат како акти на солидарност со Палестинците.
Тие, исто така, досега истрелаа повеќе ракети кон Израел, од кои повеќето беа пресретнати. Израел одговори со напади врз области во Јемен што се под контрола на хутите, меѓу кои и важното пристаниште Ходеида.
Абдул Кадер ал Муртада, висок функционер на хутите, вчера изјави дека нивните сили , кои контролираат голем дел од Јемен, ќе продолжат да дејствуваат во солидарност со Палестинците во Газа.
„(Израел) мора да знае дека нема да ги напуштиме нашите браќа во Газа, какви и да се жртвите“,
рече тој на платформата Икс.