За Нетанјаху, одговорот на Хамас е негативен, но не гледа друга опција освен да се согласи со напорите на Трамп. Преговарачите подготвуваат мапи за повлекување и списоци на заложници што ќе бидат ослободени
Израелските одбранбени сили добија наредба да ја прекинат офанзивата за освојување на градот Газа, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот план за примирје во Газа е прифатен од Хамас и го повика Израел да престане со бомбардирањето на Појасот, објави „Тајмс оф Израел“.
Војската сè уште e ангажирана во одбранбени операции и ги предупреди Палестинците да не се обидуваат да се вратат во опколениот град, велејќи дека тој останува „опасна воена зона“.
Наредбата од политичкиот ешалон дојде додека Израел се подготвуваше да испрати преговарачи за прекин на огнот, а медиумските извештаите велат дека разговорите би можеле да започнат уште утре, најверојатно во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на Црвеното Море.
Се вели дека американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, се упатува кон регионот.
Израелскиот премеир Бенјамин Нетанјаху го смета одговорот на Хамас за „главно негативен“, но не гледа друга опција освен да се согласи со напорите на Трамп.
„Тајмс оф Израел“ дознава дека наредбата до Израелските одбранбени сили (ИДФ) е издадена по разговорите што се одржаа во текот на ноќта меѓу израелските и американските претставници и во неа се бара воените активности да се сведат на минимум, а трупите на терен строго да спроведуваат одбранбени операции, вклучително и напади против заканите на силите.
Значењето на наредбата е дека израелските трупи што дејствуваат во градот Газа нема да напредуваат понатаму, но нема ниту да се повлекуваат. Израелските одбранбени сили испратија дополнителни беспилотни летала на воздухопловни сили за да ја следат областа и да се осигурат дека трупите нема да бидат нападнати за време на паузата во офанзивните активности.
Агенцијата за цивилна одбрана на Хамас извести за „десетици воздушни напади и артилериско гранатирање врз градот Газа и други области во Појасот“, уништувајќи 20 домови и убивајќи најмалку четири лица во населбата Туфа во градот Газа и две деца во областа Кан Јунис во јужниот дел на Појасот. Бројките не можaт да се потврдат, ниту пак е јасно кога се случиле нападите.