Од ИДФ велат дека меѓу целите биле командниот центар на извршниот совет и објект каде што беа складирани беспилотни летала што се користат за напад врз Израел

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека спровеле широк бран од 26 воздушни напади преку ноќ во областа Дахие во Бејрут, Либан, а кои биле насочени кон инфраструктурата на Хезболах.
„Меѓу целите беа командниот центар на извршниот совет и објект каде што беа складирани беспилотни летала што се користат за напад врз Израел“,
се вели во соопштението од ИДФ.
ИДФ претходно наредија евакуација на целото население од јужните предградија на Бејрут, каде што живеат околу 500 000 луѓе, предизвикувајќи паника и огромни сообраќајни метежи додека луѓето се обидувале да избегаат.
„ИДФ нема да толерираат никаква штета да им се нанесе на жителите на Државата Израел“,
се вели во соопштението.
Ова се случува и покрај повиците од светските лидери, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, кој го повика Израел да не ја проширува војната врз Либан.
Според либанското Министерство за здравство, израелските напади во Либан од понеделник убија најмалку 123 лица, а ранети се 683 други.
Во меѓувреме, Хезболах, милиција поддржана од Иран, ги предупреди израелските жители да ги евакуираат градовите во радиус од пет километри од границата.
„Агресијата на вашата армија против либанскиот суверенитет и безбедноста на граѓаните, уништувањето на цивилната инфраструктура и кампањата за протерување што ја спроведувате нема да останат неодговорени“,
соопшти Хезболах на хебрејски јазик во објава на својот канал на Телеграм.
