Планот под името „Кочиите на Гидеон II“ беше одобрен од страна на министерот за одбрана Кац, а беше презентиран на началникот на Генралштабот Ејал Замир и високото воено раководство
Израелската армија испрати околу 50 000 нови покани за резервисти со што започнуваат подготовките за операцијата која израелската влада ја одобри за преземање на градот Газа. Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац денеска даде зелено светло на планот наречен „Кочиите на Гидеон II“ што се смета за продолжение на планот одобрен во мај годинава со кој се предвидува Палестинците да бидам преместени во јужната зона на Појасот Газа.

Планот му беше презентиран од началникот на Генералштабот Ејал Замир и високото воено раководство, а на состанокот присуство земале и заменик-началникот на Генералштабот Тамир Јадај, раководителите на военото разузнавање, воените операции, координацијата на владини активности во териториите, како и претставници на службата за безбедност Шин Бет.
Според плановите, се подготвуваат и планови за евакуација на цивили од јужниот дел од градот, за да се изолираат од борците на Хамас.
„Оперативното планирање продолжува како и обично. Решени сме да ја спроведеме одлуката на кабинетот за преземање на градот Газа, освен ако не биде претставена рамка што предвидува ослободување на сите заложници и крај на војната под условите поставени од премиерот,“
изјави израелски функционер за „Вашингтон пост“.
Одобрувањето на планот доаѓа и покрај фактот што претходно, Хамас поддржа предлог за ослободување на десет заложници во замена за двомесечно примирје. Израелските власти сигнализираа дека ќе го одбијат овој предлог бидејќи тој не се однесува на сите 50 заложници.