Центрифугите се машини што се користат за збогатување на ураниум. Збогатениот ураниум може да се користи како гориво за нуклеарни централи, но и за производство на нуклеарни бомби. Израел тврди дека Иран се обидува да произведе нуклеарно оружје
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека е нападнат погон за производство на центрифуги со ураниум и неколку погони за производство на оружје во Иран, пренесува Би-би-си.
Нападите se извршени во последните неколку часа во главниот град Техеран, а според ИДФ, во нив учествувале 50 израелски борбени авиони.

Центрифугите се машини што се користат за збогатување на ураниум. Збогатениот ураниум може да се користи како гориво за нуклеарни централи, но и за производство на нуклеарни бомби. Израел тврди дека Иран се обидува да произведе нуклеарно оружје.
ИДФ додаде дека нападнале и бројни погони за производство на оружје и ракети. Меѓу нив, тврдат тие, бил и објект за производство на суровини и компоненти за ракети земја-земја и земја-воздух.
Во текот на ноќта, израелската воздушна одбрана пресретна повеќе ирански балистички ракети над Тел Авив. Засега нема информации за штети или жртви.
Израел изврши и повеќекратни напади врз главниот град на Иран, Техеран, насочени кон Универзитетот „Имам Хосеин“, поврзан со Револуционерната гарда на Иран, во источен Техеран.
Додека Израел и Иран изминатите денови вршат напади со ракети, американскиот претседател Доналд Трамп и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, разменуваат пораки на социјалните медиуми.
Трамп на неговата социјална мрежа објави дека Соединетите Американски Држави имаат целосна контрола врз воздушниот простор над Иран.
Тој упати и лична закана до Хамнеи:
„Точно знаеме каде се крие таканаречениот врховен лидер. Тој е лесна мета, но таму е безбеден, нема да го извлечеме од таму (убиеме!), барем не засега. Но, ние не сакаме проектили да убиваат цивили или американски војници. Нашето трпение е при крај. Ви благодариме за вашето внимание!“,
напиша Трамп.
Кратко потоа, тој објави само една реченица, напишана со големи букви: „БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ“.
Сепак, нема индикации од Техеран дека ова ќе се случи.
Во серија објави на социјалната мрежа Икс, Хамнеи рече дека Иран никогаш нема да се помири со ционистите.
„Нема да покажеме милост кон ционистите. Битката започнува“.
напиша тој во една од објавите.
Амбасадата на САД во Ерусалим, како што соопшти Стејт департментот, ќе биде затворена од денеска до петок, поради безбедносната ситуација во регионот и во согласност со израелските упатства.