Според соопштението, во Техеран биле погодени инфраструктура и објекти за производство на оружје, при што приоритет на нападите биле капацитетите за балистички ракети

Израелската војска соопшти дека во текот на ноќта извршила напади врз објекти за производство на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана во Иран.
Според соопштението, во Техеран биле погодени инфраструктура и објекти за производство на оружје, при што приоритет на нападите биле капацитетите за балистички ракети.
Во западниот дел на Иран, израелските сили погодиле и лансирни системи и складишта за балистички ракети кои, како што се наведува во соопштението што го пренесуваат израелските медиуми, „претставуваат закана за државата Израел“.
Во објава на платформата Икс, ИДФ вели дека извршиле удар на примарниот објект на иранскиот режим за производство на ракети и морски мини во Јазд.
„Локацијата се користела за планирање, развој, склопување и складирање напредни ракети наменети за лансирање од крстосувачки платформи, подморници и хеликоптери кон мобилни и стационарни поморски цели“,
се вели во објавата.
🎯🌊 STRUCK: Iranian Regime’s primary facility for the productions of missiles and sea mines in Yazd, Iran
— Israel Defense Forces (@IDF) March 27, 2026
The site was used for the planning, development, assembly, and storage of advanced missiles intended for launch from cruise platforms, submarines, and helicopters toward…
ИДФ претходно објави дека забележале ирански ракети лансирани кон Израел и дека работат на пресретнување на заканата.
Медиумите пренесуваат дека иранските спасувачи и пожарникари се обидуваат да пронајдат луѓе „заробени во урнатините“ по воздушните напади врз Техеран, а воедно работат и во Ком, каде што според претходните извештаи загинаа шест лица.
Спасувачките екипи работат со недели во тешки услови по нападите врз неколку ирански градови. Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина претходно соопшти дека иранските екипи бараат преживеани и обезбедуваат итна помош во погодените области.
