Либанското шиитско движење Хезболах денеска ја презеде одговорноста за ракетно-артилерискиот напад врз областа Шаба, која е под контрола на Израел од 1967 година, наведувајќи дека дејствува „во солидарност“ со палестинскиот народ

Израелската армија соопшти дека утрово нападнала цели во јужен Либан, откако денеска неколку минофрлачки гранати биле истрелани на израелска територија.
Проектилите паднале во спорната област на планината Дов на границата со Либан, а нема извештаи за повредени или за штети, јавуваат израелските медиуми, а пренесува агенцијата АФП.
„ИДФ (Израелските одбранбени сили) преземаат подготвителни мерки и ќе продолжат да дејствуваат во сите региони и кога е потребно за да се обезбеди безбедност на израелските цивили“,
се вели во соопштението на армијата.
Соопштението дојде еден ден откако Израел на југ се соочи со ненадеен напад од страна на палестинскиот исламистички Хамас од Појасот Газа.
Хамас и други палестински организации вклучени во вооружената борба со Израел се присутни и во Либан, потсетува АФП.
Либанското шиитско движење Хезболах денеска ја презеде одговорноста за ракетно-артилерискиот напад врз областа Шаба, која е под контрола на Израел од 1967 година, наведувајќи дека дејствува „во солидарност“ со палестинскиот народ.
„На патот за ослободување на нашата окупирана либанска земја и во знак на солидарност со победничкиот палестински отпор и борбата на палестинскиот народ, бригадата на Хезболах утринава нападна три места во окупираната област на либанска Шаба. Три места во Фармите Шаба, појас на либанско-сириската граница и Голанската висорамнина под израелска окупација, се директно погодени“,
се вели во соопштението на групата.
Во соопштението се додава дека цел на ракетите биле радарите, градот Забдин и градот Рувајсат Ел-Алам, а биле гаѓани со голем број артилериски гранати и наведувани проектили.