Израелските воени функционери претходно денеска за медиумите на хебрејски јазик изјавија дека израелски тенк гранатирал камера поставена во болницата Насер во Кан Јунис поради верувањето дека уредот се користи за следење на војниците

Израел „длабоко жали“ за денешниот нападт на израелските одбранбени сили (ИДФ) врз болницата Насер во Кан Јунис, се вели во денешното соопштение од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Израел длабоко жали за трагичната несреќа што се случи денеска во болницата Насер во Газа. Израел ја цени работата на новинарите, медицинскиот персонал и сите цивили. Воените власти спроведуваат темелна истрага“,
се вели во соопштението, пренесено од „Тајмс оф Израел“.
Израелските воени функционери претходно денеска за медиумите на хебрејски јазик изјавија дека израелски тенк гранатирал камера поставена во болницата Насер во Кан Јунис поради верувањето дека уредот се користи за следење на војниците.
Во нападот, според палестинските власти, загинале 20 лица, меѓу кои и пет новинари, а нападот предизвика широка меѓународна осуда.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска упати остра реакција за израелските напади врз болницата во Газа во кои загинаа цивили и новинари.
„Медиумите мора да бидат во можност слободно и независно да ја извршуваат својата мисија да известуваат за конфликтите“,
објави Макрон, повикувајќи го Израел да го почитува меѓународното право.
Реагираше и првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, кој го повика Израел да ги прекине нападите врз здравствените установи во Газа.
„Додека луѓето гладуваат, нивниот веќе ограничен пристап до здравствена заштита е дополнително осакатен со повторените напади“,
напиша тој во објава на Х.
Гебрејесус повика итно да прекинат нападите врз болниците и воопшто на нападите на Газа, додавајќи дека СЗО примила извештаи оти во нападот се ранети 50 лица, вклучително и пациенти кои веќе биле во тешка состојба.
И Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, силно го осуди убиството на Палестинците во болницата Насер во Газа и повикува на брза и непристрасна истрага.
Гутереш истакнал оти цивилите, вклучувајќи го медицинскиот персонал и новинарите, мора да бидат почитувани и заштитени во секое време.