Иако американската Управа за храна и лекови сè уште не ја одобрила четвртата доза од вакцината на „Фајзер“, израелските експерти препорачуваат четвртата доза да ја примат здравствените работници и граѓаните постари од 60 години бидејќи се чини дека заштитата се намалува за шест месеци
Медицинскиот центар „Шеба“ во Израел денеска го почна првото тестирање во светот на четвртата доза од антиковид-вакцината на „Фајзер“. За ова истражување се ангажирани 150 вработени од медицинскиот центар, кои примиле трета доза од вакцината во август, а сега нивното ниво на антитела е под 700.
„Се очекува оваа студија да ги расветли дополнителните придобивки од примањето на четвртата доза. Ќе се стремиме да разбереме дали и на кого е најдобро да се даде четвртата доза“,
истакна д-р Гили Регев Јохај, директорката на Одделот за инфективни болести, која го предводи истражувањето.
Иако американската Управа за храна и лекови сè уште не ја одобрила четвртата доза од вакцината на „Фајзер“, израелските експерти препорачуваат четвртата доза да ја примат здравствените работници и граѓаните постари од 60 години бидејќи се чини дека заштитата се намалува за шест месеци.
Целта на истражувањето е да се утврди дали четвртата доза против коронавирусот е безбедна и ефикасна во производство на антитела, а резултатите од истражувањето ќе помогнат да се одреди политиката за вакцинирање со четвртата доза не само во Израел туку и во светот.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет потсети дека граѓаните на Израел први во светот ја примиле третата доза од вакцината против ковид-19 и дека продолжуваат да бидат први и со четвртата доза.