Израелската влада веќе два месеца ја блокира целата помош за територијата, додека меѓународните агенции за помош предупредуваат на тешки хуманитарни услови
Израелската војска (ИДФ) синоќа објави дека започнала нова голема офанзива во Појасот Газа.
„ИДФ започна со обемни напади и мобилизација на војници за да се постигне оперативна контрола во Појасот Газа“,
се вели во соопштението на армијата објавено на социјалната мрежа Икс.

„Ова е дел од подготовките за проширување на операциите и постигнување на целите на војната, вклучително и ослободување на заложниците и расформирање на терористичката организација Хамас“,
се додава во соопштението.
Израелските медиуми објавија дека проширувањето на операциите ќе започне по завршувањето на патувањето на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот на Персискиот Залив, доколку дотогаш не се постигне нов договор за Газа. Трамп оттогаш го заврши своето повеќедневно патување, а нов договор сè уште не е на повидок.
Вчера, палестинската новинска агенција ВАФА објави дека најмалку 100 лица се убиени во северниот дел на Појасот Газа по серијата израелски воздушни напади, додека Министерството за здравство контролирано од Хамас соопшти дека 93 лица се убиени, а повеќе од 200 се повредени.
Израелската влада веќе два месеца ја блокира целата помош за територијата, додека меѓународните агенции за помош предупредуваат на тешки хуманитарни услови. Според Министерството за здравство контролирано од Хамас, речиси 53 000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната со Израел пред повеќе од година и пол.
Војната беше предизвикана од напад на Хамас и други екстремисти врз израелските заедници во близина на Газа на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1 200 лица, а повеќе од 250 беа земени како заложници.