Израел досега вакцинираше повеќе од еден милион луѓе со вакцина против ковид-19, или близу 12% од вкупната популација, што е највисок процент во светот.
На секои 100 граѓани, Израел до сега вакцинираше 11,55. За споредба, Велика Британија има вакцинирано само 1,47% од популацијата. Така покажуваат податоците на светскиот сервис за следење на вакцинацијата, „Нашиот свет во податоци“, кој е продукт на соработката меѓу „Универзитетот Оксфорд“ и британска хуманитарна организација.
Мора да се истакне дека системот мери колку луѓе ја добиле првата доза на вакцината, а поголемиот дел од досега одобрените вакцини предвидуваат и ревакцинација за една или две недели. По тој систем, топ 5 држави со најширок опсег на вакцинација досега се: Израел (11,5%), па следи Бахреин (3,49%), трета е Велика Британија (1,47%), САД (0,84%) и Данска (0,51%).

Споредбата покажува дека некои земји, како САД, сериозно ги промашија целите. Најавите беа дека до крајот на 2020 година земјата ќе вакцинира 20 милиони луѓе, а реалноста е дека се вакцинирани 2,78 милиони до 30 декември, или околу 14% од планираното.
Зошто е Израел толку напред?
Израел ја почна вакцинацијата на 19 декември и секој ден доставува по околу 150 000 вакцини. Приоритет имаат оние над 60 години, здравствените работници и оние кое се во ранливи групи.

Своите количини Израел ги обезбеди од вакцината „Фајзер/Бионтех“, но постигна договор уште на самите почетоци на пандемијата, кога вакцините беа во рана фаза на развој. Луѓето во земјата, пак, се контактираат преку домашниот здравствен систем. По закон, секој Израелец мора да е регистриран кај овластен доктор.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, предвидува дека земјата би можела да излезе од пандемијата најрано во Февруари.
Зошто Франција доцни?
Франција почна да вакцинира на 27 декември. Првиот ден вакцинираше помалку од 100 луѓе а до крајот на годината успеа да вакцинира само 138 луѓе. За споредба, Германија во истиот период вакцинираше околу 130 000 луѓе.
Дел од тешкотиите во Франција се во масовниот скептицизам кон вакцинацијата. При неодамнешна анкета, само 40% од француските државјани изјавија дека би се вакцинирале. Истото истражување покажа дека тој процент во Кина е 80%, во Велика Британија 77% а во САД 69%.
Францускиот министер за здравство го бранеше темпото на вакцинација со одлуката да ги вакцинираат постарите по дома, наместо да ги тераат да патуваат. Но, претседателот Емануел Макрон потоа изјави дека „нема да дозволи неоправдана спорост без добра причина“.
Што прави Индија?
Индија се уште нема вакцина, но планира да вакцинира околу 300 милиони луѓе до средината на годинава. Но, земјата прави национални „вежби за вакцинација“ за да биде подготвена. Индија се надева на вакцината на Оксфорд, бидејќи земјата нема доволно капацитети за вакцината на „Фејзер“, за која се потребни фрижидери кои постигнуваат екстремно ниски температури (од -60 до -90 степени целзиусови).
Вакцината на „Оксфорд/Астразенека“ веќе се произвидува во Индија. Друга вакцина, „Барат Биотех“ чека одобрување. Земјата веќе има 150 000 смртни случаи и околу 10 милиони заразени, со што Индија е втора само зад САД.