Здравствените експерти стравуваат дека Израел може да се движи во иста насока како и Велика Британија, каде што бројот на нови случаи рапидно расте, па така во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, 3,3 милиони од вкупно 67 милиони луѓе се заразени во седум дена
Во Израел расте репродукцискиот број на ковид-19, и според податоците на Министерството за здравство, достигна 1,39, додека пред една недела беше 0,9, па сега се стравува дека инфекцијата повторно ќе се прошири.
Кога тој број е над еден, значи дека секој носител на вирусот во просек заразува повеќе од едно лице.
Во вторникот во Израел имаше 13 384 новозаразени лица, со што бројот на активни случаи достигна 64 271, вклучително и 849 хоспитализирани.
Од почетокот на пандемијата во Израел починаа 10 449 луѓе.
Здравствените експерти стравуваат дека Израел може да се движи во иста насока како и Велика Британија, каде што бројот на нови случаи рапидно расте, па така во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, 3,3 милиони од вкупно 67 милиони луѓе се заразени во седум дена.
Неодамна во Израел беше прославен еврејскиот празник Пурим, а многу луѓе имаше и на погребот на еден истакнат рабин, што сето тоа може да придонесе за растот на бројот на нови случаи, рече епидемиологот Ора Палтиел од Хебрејскиот универзитет.
Во оваа земја, повеќето од преостанатите ограничувања беа укинати на крајот на февруари, а жителите станаа помалку претпазливи. BA.2 или омикрон стелт е позаразен од оригиналниот омикрон, но не значи дека предизвикува посериозна здравствена состојба.
Од почетокот на пандемијата во март 2020 година, речиси 3,8 милиони Израелци или околу 40 отсто од населението се позитивни на ковид-19.
Според тамошните лекари, повеќе од 50 отсто од населението било заразено, а оние што имале омикрон веројатно се заштитени од сегашните соеви, но не и оние што биле заразени со соевите делта и алфа.