Во меѓувреме, новинските агенции денеска јавија дека американскиот државен секретар Марко Рубио потпишал декларација за забрзување на доставувањето воена помош од околу четири милијарди долари за Израел
Израел денеска соопшти дека целосно го запира влезот на сите стоки и залихи во Појасот Газа и предупреди на „дополнителни последици“ доколку Хамас не прифати нов предлог за продолжување на примирјето, јавија светските агенции.

Хамас, од своја страна го обвини Израел дека се обидува да го наруши кревкиот прекин на огнот и рече дека одлуката на Израел да ја прекине помошта е „евтина изнуда, воено злосторство и бесрамен напад на договорот за прекин на огнот.
Првата фаза од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, кој вклучуваше зголемување на хуманитарната помош за Газа, истече вчера (1 март).
Двете страни допрва треба да преговараат за втората фаза во која се очекува Хамас да ослободи десетици преостанати заложници во замена за повлекување на Израел од Газа и траен прекин на огнот.
Израел претходно истиот ден изјави дека го поддржува предлогот за продолжување на првата фаза од прекинот на огнот до Рамазан и Пасха, или 20 април. Во соопштението се вели дека предлогот дошол од пратеникот на администрацијата на Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф.
Според предлогот, Хамас ќе ослободи половина од заложниците првиот ден, а останатите кога ќе се постигне траен договор за прекин на огнот, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
За објавата на Тел Авив засега нема коментар од САД, Египет или Катар, кои посредуваа меѓу Израел и Хамас повеќе од една година за постигнување договор за прекин на огнот.
САД ја забрзуваат испораката на воена помош за Израел
Новинските агенции денеска јавија дека американскиот државен секретар Марко Рубио потпишал декларација за забрзување на доставувањето воена помош од околу четири милијарди долари за Израел.
„Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која ја презеде функцијата на 20 јануари, одобри воени продажби на Израел во вредност од речиси 12 милијарди долари“, рекол Рубио додавајќи дека САД ќе продолжат да ги користат сите достапни инструменти за да ја исполнат долгогодишната посветеност на Америка кон безбедноста на Израел, вклучително и средства за спротивставување на безбедносните закани“.
Рубио навел дека користел итни овластувања за да ја забрза испораката на воената помош за Израел.

За потсетување, војната во Газа започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој резултираше со смрт на 1 218 луѓе, од кои повеќето цивили.
Во израелската одмазда, која уследи и која прерасна во воен конфликт, загинаа повеќе од 48 000 луѓе во Газа, од кои, исто така, повеќето се цивили.
По повеќемесечни преговори со посредништво на САД, Египет и Катар, Израел и Хамас успеаја да договорат примирје чија прва фаза стапи во сила на 19 јануари годинава.