Во овие болници во моментов има крв насекаде. Тоа е крвопролевање, како што рековме претходно, тоа е масакр, рече Шон Кејси, координатор на тимот за итни случаи на Светската здравствена организација
Израелските сили денеска ја нападнаа централна Газа по копно, море и воздух, при што телекомуникацискиот прекин во поголемиот дел од енклавата ги попречува напорите да се дојде до палестинските жртви, откако началникот на израелската армија изјави дека војната против Хамас ќе трае со месеци.
И покрај глобалните повици за прекин на огнот, началникот на Генералштабот на Израел Херзи Халеви, рече дека 11-неделната војна ќе трае „многу месеци“ и дека нема „магични решенија“ или „кратенки“.
Во Ал Магази, централниот округ на Газа, пет Палестинци беа убиени во воздушен напад, соопштија медицинските лица, додека здравствените власти во северниот дел на градот Газа соопштија дека телата на седумтемина загинати Палестинци пристигнале во болницата „Ал Шифа“ во текот на ноќта.
Жителите пријавија тешки борби источно и северно од областа Ал Буреј и во блиското село Јур Ад Дик, каде што тврдат дека се стационирани израелски тенкови.
Израелската армија денеска соопшти дека во воената операција во Газа загинале уште тројца војници или вкупно 166 од почетокот на копнените операции на 20 октомври. Бројот на загинатите Палестинци во израелските напади се приближува до 21 000, според податоците на Министерството за здравство во Газа.
„Во овие болници во моментов има крв насекаде. Тоа е крвопролевање, како што рековме претходно, тоа е масакр“,
рече Шон Кејси, координатор на тимот за итни случаи на Светската здравствена организација.
Тој додаде дека никаде во Газа не е безбедно.
Палестинската Црвена полумесечина објави дека целосно изгубила контакт со своите тимови во Појасот Газа поради прекин на телекомуникациите и интернет услугите.
Фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD