Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека сака да ја реализира визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за преместување на голем дел од населението на Газа преку она што тој го нарекува доброволна миграција. Израел даде слични предлози за преселување и во други африкански земји

Израел преговара со пет земји за потенцијално преселување на Палестинците од Појасот Газа – со Индонезија, Сомалиленд, Уганда, Јужен Судан и Либија, јави денеска израелскиот Канал 12.
„Некои од земјите покажуваат поголема подготвеност од претходно да прифатат доброволна имиграција од Појасот Газа“,
изјави неименуван дипломатски извор за Канал 12, издвојувајќи ги Индонезија и Сомалиленд, објави „Тајмс оф Израел“, наведувајќи дека конкретни одлуки сè уште не се донесени.
Сомалиленд е отцепен регион на Сомалија што се надева на меѓународно признавање преку договор со Израел за прифаќање на Палестинците од Појасот Газа.
Извештајот доаѓа заедно со тврдењата на дел од американските медиуми дека Израел разговарал за преселување на луѓето од Газа во Јужен Судан – тврдење што владата на африканската нација го отфрли како неосновано и не ја одразува нејзината официјална политика.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека сака да ја реализира визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за преместување на голем дел од населението на Газа преку она што тој го нарекува доброволна миграција. Израел даде слични предлози за преселување и во други африкански земји.
„Мислам дека е исправно, дури и според законите на војната какви што ги знам, да му се дозволи на населението да замине, а потоа да се удри со сета сила врз непријателот што останува таму“,
рече Нетанјаху вчера во интервју за израелската телевизија И24, без да го спомене Јужен Судан.
Палестинците, организациите за човекови права и голем дел од меѓународната заедница ги отфрлија предлозите како план за присилни иселувања што го кршат меѓународното право.