Во поднесокот од 84 страници до МСП, Јужна Африка тврди дека Израел врши геноцид со убивање на Палестинците во Газа, предизвикувајќи сериозни ментални и телесни повреди, присилна евакуација, широко распространет глад, но и, како што се вели, да се доведе до нивно физичко уништување
Меѓународниот суд на правдата (МСП) денеска треба да отвори дводневно сослушување за постапката што ја покрена Јужна Африка, обвинувајќи го Израел за геноцид врз Палестинците во Газа, со што би можело судот да нареди итна суспензија на воената кампања на Израел, пренесува Си-ен-ен.

Меѓународниот суд е основан во 1945 година и е највисокиот суд на Обединетите нации. Во него се сослушуваат случаи покренати од држави кои обвинуваат други држави за кршење на нивните обврски од договорот на ОН. Јужна Африка и Израел се потписници на Конвенцијата за геноцид од 1948 година, што значи дека се обврзани да не вршат геноцид и да го спречат, но и да го казнуваат.
Конвенцијата автоматски му доделува на МСП јурисдикција над државите потписнички.
Во поднесокот од 84 страници до МСП, Јужна Африка тврди дека Израел врши геноцид со убивање на Палестинците во Газа, предизвикувајќи сериозни ментални и телесни повреди, присилна евакуација, широко распространет глад, но и, како што се вели, да се доведе до нивно физичко уништување.
„Израел не успеа да спречи или да казни дела и мерки кои претставуваат геноцид, што претставува фрагрантно кршење на обврските“,
се вели во поднесокот до судот.
ОН го дефинира геноцидот како чин извршен со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група. ОН велат дека овој чин е развиен делумно како одговор на нацистичката политика на систематско убивање на Евреите за време на холокаустот.
Одборот од 15 судии на МСП, кој заседава во Хаг во Холандија, во овој случај е проширен со дополнителен судија од секоја страна.
Израел ќе го застапува пензионираниот судија на Врховниот суд Ахарон Барак, 87-годишен преживеан од холокаустот, а Јужна Африка од Дикганг Мосенеке, поранешен заменик главен судија во земјата. Јужна Африка, пак, треба да ги претстави своите усни аргументи во четврток, а Израел следниот ден.
По завршувањето на рочиштето во петок, може да поминат денови или недели пред судиите да донесат одлука за итните мерки.
Израел ќе може да ја оспори јурисдикцијата на судот и би можел да бара отфрлање на случајот.
Случаите за геноцид, за кои е познато дека тешко можат да се докажат, може да потраат со години за да се решат, но Јужна Африка бара од судот брзо да спроведе привремени мерки и да му нареди на Израел да престане да убива и да предизвикува сериозни ментални и телесни повреди на палестинскиот народ во Газа.
Израел реагираше на обвинувањето и го нарече неосновано и вели дека дејствува во самоодбрана, за да ги заштити Израелците од уништување на Хамас.
Пред случајот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави видеоклип во кој вели дека Израел се бори против Хамас, а не против палестинското население и дека дејствува во целосна согласност со меѓународното право.
„Израел нема намера трајно да ја окупира Газа или да го раселува неговото цивилно население“,
рече тој.
Нападот врз Газа започна како одговор на нападите врз Израел на 7 октомври од страна на Хамас, во кои милитантите убија 1 200 луѓе, главно цивили, и зедоа 240 луѓе како заложници.
Според Министерството за здравство на Газа, кое е во надлежност на Хамас, Израел убил повеќе од 23 000 Палестинци во Газа, од кои се верува дека 70 отсто се жени или деца.
Палестинската агенција за помош на ОН, УНРВА, процени дека 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени поради војната во Газа, што претставува 85 отсто од населението, додека десетици илјади згради се уништени.