Во меѓувреме, медиумите повикувајќи на извештаи на иранските сили, објавија дека во воздушни напади извршени од страна на Техеран, покрај Амбасадата на САД во главниот град на Саудиска Арабија наводно е погодена и командната зграда на американската воздушна база во регионот Шеик Иса во Бахреин
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД жестоко ќе одговорат на нападот врз амбасадата во Ријад, како и за смртта на американските војници што беа убиени во ирански напад во регионот во текот на викендот
Непријателствата на Блискиот Исток продолжуваат со несмален интензитет, откако САД и Израел викендот го нападнаа Иран, кој возврати со ракетни и удари со беспилотни летала врз американски и израелски цели во регионот.

Утрово израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека започнале напади врз Техеран, како и врз главниот град на Либан, Бејрут, пренесоа светските медиуми.
„ИДФ во моментов спроведува истовремени, насочени напади врз воени цели во Техеран и Бејрут“,
се наведува во соопштението.
Авичај Адраи, портпарол на ИДФ, на арапски јазик изјави дека во тек е бран воздушни напади од големи размери.
Нападите доаѓаат околу еден час откако ИДФ издаде итно предупредување до жителите на јужните предградија на Бејрут и десетици, повикувајќи ги да се евакуираат.
Нешто подоцна, израелската војска соопшти дека нивна цел се командни центри и магацини поврзани со милитантната организација Хезболах, која е поддржана од Иран.
Во меѓувреме, медиумите повикувајќи на извештаи на иранските сили, објавија дека во воздушни напади извршени од страна на Техеран, се погодени Амбасада на САД во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, како и командната зграда на американската воздушна база во регионот Шеик Иса и во Бахреин.
Снимките објавени од агенцијата Фарс, поврзана со Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), покажуваат бран ракети кои погодуваат далечни цели. Според нивните тврдења, нападите со беспилотни летала врз американската база предизвикале експлозии на резервоарите за гориво.
Соединетите Американски Држави засега не се огласија со коментар за нападот.
Претходно, Би-би-си објави дека густ чад може да се види над американската поморска база во Бахреин.
Амбасадата на САД во Ријад, пак, била погодена од два дрона, кои предизвикале помали пожари и материјална штета, соопшти утрово саудиското Министерство за одбрана на социјалната платформа Икс.
Извори за агенцијата Ројтерс навеле дека заградата на Амбасадата на САД во моментот на нападот била празна и оти нема повредени лица.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД жестоко ќе одговорат на нападот врз амбасадата во Ријад, како и за смртта на американските војници што беа убиени во ирански напад во регионот во текот на викендот.
Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент ги повика своите државјани веднаш да ги напуштат повеќе од десетина земји на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, поради нападите на САД и Израел врз Иран. Помошничката државна секретарка за конзуларни работи Мора Намдар изјави дека американските граѓани треба да заминат користејќи го достапниот комерцијален превоз „поради безбедносни ризици“.
Предупредувањето дојде откако одделот во последните денови ги ажурираше своите предупредувања за патување за неколку земји во регионот, советувајќи да не се патува. Предупредувањето издадено во понеделник се однесува на Бахреин, Египет, Иран, Ирак, Израел, Западниот Брег и Газа, Јордан, Кувајт, Либан, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Сирија, Обединетите Арапски Емирати и Јемен.
Амбасадата на САД во Аман, Јордан, претходно во понеделник соопшти дека нејзиниот персонал го напуштил местото „поради закана“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека војната меѓу САД и Израел против Иран може да трае некое време, но дека нема да трае со години или да биде бесконечна. Притоа, тој ги отфрли споредбите со долгорочните конфликти во регионот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, првично процени дека војната може да трае четири до пет недели, но ја остави можноста за таа се продолжи на подолг рок. Нетанјаху верува дека конфликтот може да го отвори патот за траен мир на Блискиот Исток, вклучително и зближување меѓу Израел и Саудиска Арабија, посочувајќи дека заедничките активности на САД и Израел создаваат услови иранскиот народ да ја смени власта.
