Телевизијата Си-ен-ен, од терен јавува дека повеќе напади со ракети и беспилотни летала бил пресретнати од одбранбените сили на Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Кувајт, Саудиска Арабија и Катар
Израел утрово започнал нов бран напади на, како што соопшти војската на земјата, воени и инфраструктирни цели на режимот во Иран, пренесуваат светските медиуми.

Телевизијата Си-ен-ен, од терен јавува дека неколку удари, за кои се чини дека потекнуваат од воздушни напади, утрово одекнале во главниот на Иран, Техеран.
Во меѓувреме, Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран, објавил дека ќе изврши нови напади врз цели во Израел и други држави на Блискиот Исток. Најавата доаѓа неколку часа откако Иран го именуваше својот нов врховен лидер, Моџтаба Хамнеи.
Израелската војска, исто така, соопштила за нови напади на инфраструктурата на Хезболах, кој ја има поддршката на Иран, во главниот на Либан, Бејрут. Според видео објавено од новинската агенција Ројтерс, облаци чад можат да се забележат како издигаат од јужните предградија на Бејрут.
Одделни видеа, објавени од агенциите, сведочат за пожар во хотелот „Рамада“ во Бејрут како последица на израелски напади. Нападот доаѓа откако претходно израелската војска соопшти дека извршила удари во главниот град на Либан, во кои, според тврдењата на војската загинале неколку високи команданти на силите Кудс и на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Утрово Си-ен-ен, јави и за штети од ирански воздушни напади врз неколку заливски земји..
Во Бахреин, според информациите на телевизијата, пожар придружен со густ чад се издигале на индустриска зона во која се наоѓа националната нафтена компанија – БАПКО.
Властите на земјата претходно објавиле дека најмалку 32 лица биле ранети во ирански напади со беспилотни летала на градот Ситра, оддалечен околу шест километри од индустриската зона. Според Националниот комуникациски центар, меѓу ранетите во нападите, чија цел биле станбени области во близина на енергетската инфраструктура, имало и деца.
Екипа на Ци-ен-ен во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) јавуваат дека слушнале неколку гласни тресоци, опишувајќи ги како едни од најсилните од почетокот на војната.
Министерството за одбрана на ОАЕ, соопштило дека звуците се последица на дејствувањето на противвоздушната одбрана на земјата кои пресретнуваат балистички ракети и беспилотни летала.
Во Саудиска Арабија, четири беспилотни телата биле пресретнати и уништени над пустината Руб ал Кали. Дроновите, според извештаите, биле насочени кон нафтеното поле „Шајба“, едно од најголемите во регионот.

Беспилотно летало било соборено и од силите на Националната гарда на Кувајт, а кое било насочено кон едно од местата под нејзина заштита.
Кувајтските сили соопштиле дека го собориле беспилотното летало „како дел од напорите за обезбедувањето на витални објекти“.
Ракетен напад бил пресретнат и од вооржените сили на Катар, соопшти тамошното Министерство за одбрана на социјалната платформа Икс.
Конфликтот на Блискиот Исток, кој започна со нападот на Соединетите Американски Држави (САД) и Израел врз Иран, влезе во втората недела и продолжува со несмален интензитет.
