Наведени се пет принципи за завршување на војната
Израелскиот кабинет за безбедност одобрил план за преземање контрола врз Газа, додека земјата ги проширува своите воени операции и покрај засилените критики дома и во странство поради разорната речиси двегодишна војна.
Кабинетот на Нетанјаху објави соопштение во кое детално се опишани одобрените планови за окупирање на градот Газа и петте принципи за завршување на војната, за кои се вели дека се усвоени со мнозинство гласови.
„Израелските одбранбени сили ќе се подготват да ја преземат контролата врз градот Газа, а воедно да обезбедат хуманитарна помош за цивилното население надвор од борбените зони“,
се вели во соопштението, детално наведувајќи ги следните принципи за завршување на војната.
Според соопштеното, Израел планира разоружување на Хамас, враќање на сите заложници – и живи и мртви, демилитаризација и израелска безбедносна контрола врз Појасот Газа, како и постоење алтернативна цивилна влада која не е Хамас или палестинска самоуправа.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за американската ТВ-станица Фокс њуз изјави дека Израел има намера да ја окупира цела Газа, но таква операција засега е одобрена само врз градот Газа.