Одлуката доаѓа неколку дена откако Обединетите нации соопштија дека проширувањето на израелските населби на окупираниот Западен Брег, кое се смета за нелегално според меѓународното право, достигна рекордно високо ниво од 2017 година
Кабинетот за безбедност на Израел одобри изградба на 19 нови населби на окупираниот Западен Брег. Потегот е на предлог на израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич и на министерот за одбрана Израел Кац.
Целта, како што велат, е да се спречи формирање на палестинска држава.

Според нив, со оваа одлука вкупниот број на населби одобрени во изминатите три години достигнала 69.
„Предлогот на министерот за финансии Безалел Смотрич и министерот за одбрана Израел Кац за прогласување и формализирање на 19 нови населби во Јудеја и Самарија е одобрен. Спречуваме создавање палестинска терористичка држава. Ќе продолжиме да се развиваме, да градиме и да се населуваме на земјата на нашите предци, со вера во праведноста на нашиот пат“,
се наведува во соопштението на кабинетот за безбедност на Израел.
Одлуката доаѓа неколку дена откако Обединетите нации (ОН) соопштија дека проширувањето на израелските населби на окупираниот Западен Брег, кое се смета за нелегално според меѓународното право, достигна рекордно високо ниво од 2017 година. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, неодамна го осуди она што го опиша како „непопустливо“ проширување на израелските населби во Западниот Брег.
Според Гутереш, ова продолжува да ги поттикнува тензиите, да ги спречува Палестинците да пристапат до нивната земја и да ја загрозува одржливоста на целосно независна, демократска, неделива и суверена палестинска држава.
