Хамас вчера ги ослободи преостанатите 20 живи заложници, кои беа киднапирани во напад врз јужен Израел во октомври 2023 година, и ги предаде телата на четворица мртви заложници, додека 24 тела сè уште се во Појасот Газа
Израел одлучи утре да не го отвора граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, што е пропишано со договорот за прекин на огнот во Газа, бидејќи палестинската милитантна група Хамас не ја исполни својата обврска да ги врати телата на сите мртви заложници што сè уште ги држи во Појасот Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.

Како што пишува веб-страницата, Израел ќе го намали и износот на помошта што доаѓа во Газа како дел од санкциите против Хамас.
Овие потези доаѓаат откако израелските одбранбени претставници проценија дека Хамас не вложил доволно напори за враќање на преостанатите тела на заложниците.
Хамас вчера ги ослободи преостанатите 20 живи заложници, кои беа киднапирани во напад врз јужен Израел во октомври 2023 година, и ги предаде телата на четворица мртви заложници, додека 24 тела сè уште се во Појасот Газа.
Израелската војска потврди дека ги примила посмртните останки на четворица заложници и дека ќе спроведе форензички тестови за да го потврди нивниот идентитет.
Хамас соопшти дека станува збор за телата на Гај Илуз, Јоси Шараби, Бипин Јоши и Даниел Перец.
Што се однесува до преостанатите 24 починати заложници, од милитантната група изјавиле дека немаат прецизни информации каде што тие се погребани и оти им е потребно време да ги лоцираат местата.
Договорот за прекин на огнот, кој е објавен од израелските медиуми, според Би-би-си сугерира дека Хамас и другите палестински фактори и фракции можеби нема да можат да ги лоцираат местата каде што се наоѓаат останките на преостанатите 24 починати израелски заложници во дадениот временски рок.
Вчера Форумот за израелски заложници и исчезнати семејства ја повика израелската влада да го суспендира договорот за прекин на огнот обвинувајќи го Хамас дека го крши договорот со тоа што не ги вратил сите заложници и оти мора да се соочи со сериозен одговор.