Американскиот државен секретар Ентони Блинкен по вторпат во последните неколку дена е во Израел. Тој денеска се врати во земјата по повеќедневната турнеја низ арапските земји и уште еднаш вети дека ќе го поддржи Израел во неговата војна против палестинските милитанти на Хамас
Израел предупреди на долга, но победничка војна против Хамас, во момент кога американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во Тел Авив и разговара со израелските власти за испорака на помош за Газа.

По средбата со Блинкен, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека и Израел и остатокот од светот можат „со свои очи да ја видат“ силната американска поддршка.
„Ова ќе биде долга војна, цената ќе биде висока, но ние ќе победиме. За Израел, за еврејскиот народ и за вредностите во кои веруваат двете земји“,
рече Галант по разговорот со Блинкен во Тел Авив.
Американскиот државен секретар по вторпат во последните неколку дена е во Израел. Тој денеска се врати во земјата по повеќедневната турнеја низ арапските земји за време на која ја слушна загриженоста на арапските лидери за најавената израелска копнена инвазија на Појасот Газа.
Блинкен денеска го повтори ветувањето дека ќе го поддржи Израел во неговата војна против палестинските милитанти на Хамас. Рече дека САД се посветени на правото на Израел да се брани.
„Ја имате и секогаш ќе ја имате поддршката од САД“,
рече Блинкен, кој исто така се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, како и со претседателот Исак Херцог во Тел Авив.
На средбите со високите претставници, Блинкен информираше за разговорите што ги одржа со арапските лидери со цел да се постигне смирување на судирите и потребата да се заштитат цивилите во Појасот Газа.
I returned to Israel to meet with @IsraeliPM Netanyahu. We discussed U.S. support for Israel’s right to defend itself and its citizens from Hamas’ terrorism. pic.twitter.com/qoX5074VAM
— Secretary Antony Blinken (@SecBlinken) October 16, 2023
Израел објави војна на милитантната група Хамас еден ден откако нејзините борци ја пробија силно утврдената граница на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1 400 луѓе, од кои повеќето цивили. По најсмртоносниот напад во својата историја, Израел започна бомбардирање во Појасот Газа во кој загинаа над 2 700 луѓе, главно цивили.
Повеќе од еден милион луѓе ги напуштија своите домови во Газа додека Израел ја бомбардираше територијата контролирана од Хамас и продолжи да собира војници во подготовка за копнена инвазија.
