Гутереш вчера го осуди „проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, со ескалација по ескалација“ и повика на прекин на огнот во изјавата во која конкретно не се спомнува Иран
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави дека на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, му е забранет пристапот во земјата поради, како што тој смета, неговата антиизраелска пристрасност.
Кац рече дека го прогласил Гутереш за „персона нон грата“ во Израел.
„Секој кој не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел, како што тоа го направи речиси секоја земја во светот, не заслужува да стапне на израелска почва“,
напиша тој на социјалната мрежа Икс.
Гутереш вчера го осуди „проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, со ескалација по ескалација“ и повика на прекин на огнот во изјавата во која конкретно не се спомнува Иран.
Иран синоќа го изврши досега најголемиот напад врз Израел истрелувајќи 180 балистички ракети, од кои повеќето, според извештаите на Израел, САД и Јордан, биле пресретнати од противракетната одбрана што ја користеле армиите на трите земји.
Воздушниот напад, кој е од многу поголем размер од оној што Техеран го изврши во април годинава, дополнително ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, зафатен од конфликти меѓу Израел и милитантите на Хамас во Газа и Хезболах во Либан, кои ја имаат поддршката на Иран.