Турк додаде дека израелската влада треба да вложи максимални напори за да ги спаси животите на цивилите во Газа и да дозволи целосен, непречен проток на помош
Израел мора да го суспендира својот план за Газа што е можно поскоро, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, откако Израел одобри план за преземање на контролата врз Газа.

„Оваа понатамошна ескалација ќе резултира со помасовно присилно раселување, повеќе убиства, повеќе неподносливо страдање, бесмислено уништување и ужасни злосторства. Војната во Газа мора веднаш да заврши. На Израелците и Палестинците мора да им се дозволи да живеат еден до друг во мир“,
изјави високиот комесар на ОН за човекови права.
Турк додаде дека израелската влада треба да вложи максимални напори за да ги спаси животите на цивилите во Газа и да дозволи целосен, непречен проток на хуманитарна помош. Дополнително, ги повика палестинските вооружени групи веднаш и безусловно да ги ослободат сите преостанати заложници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа, а планот одобрен од кабинетот за безбедност на Израел конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот во енклавата.